Игралиштата за деца треба да бидат поопасни (малку)

Учество во ризични активности всушност е многу важно при спречување на повреди, со неверување заклучуваат луѓето кои се занимаваат со детската игра, и недостатокот на истата.

Паркот по име „Дворот“ е со површина од 5.000 метри квадратни и ги нема стандардните лизгалки, шипки за висење или лулашки. Ама за тоа има раскостени кукли од излог на бутици, дрвени сандаци за транспрот, гуми, душеци и старо пијано.

Дворот има и правила, и според нив забранети се:

- таблет и општо електронски уреди

- папучи

- возрасни.

Кога Њујорк тајмс оди таму, група деца се обидува расфрланите даски и пластика да ги заковаат во куќарка. Како што објаснува нивниот превозбуден 11-годишен соговорник Џои: „Во другите паркови сè веќе е направено и изградено, ама поинтересно е сам да го направиш тоа што сакаш.“ Друга група лупа со чекан по старото пијано и пробува да откорне расфрлани звучници и компјутерски чипови што се наоѓаат наоколу. Трети копаат дупка во калот, пилаат даски и лупаат еден знак со шипка.

„Понекогаш родители ќе дојдат до оградата гледајќи ги своите деца како да се во зоолошка. Им кажувам ’нема зошто да се нервираш, нема потреба да им кажуваш што да прават. Само седи и опушти се’,“ објаснува директорката на play:groundNYC, непрофитната организација која управува со Дворот, Ребека Фолкнер.

Досегашното искуство на Фолкнер е дека децата многу подобро можат да укапираат како да се забавуваат отколку возрасните кои ги градат игралиштата за нив, „дури и на места кои повеќе личат на отпад отколку на игралиште“.

Од Тајмс оваа логика ја проверат професорот по социологија на Хауард Универзитетот, Кристофер Гундерсон, инаку татко на погоре споменатиот Џои:

„Децата денес растат во многу контролирана околина. Ова е место во кое тие можат да играат без ограничувања.“

„Отпад игралиштата“ се дело на данскиот архитект Карл Теодор Соренсен, кој со истиот проблем се соочува пред 70 години. За време на Втората светска војна во Копенхаген децата многу повеќе сакале да играат на напуштени или градежни плацови отколку на асфалтираните игралишта направени за нив.

Тој го применува концептот на „отпад игралишта“ за да помогне „да се развие независноста и креативноста на децата“. Идејата се шири во пост-воена Англија која во тоа време е преполна со срушени објекти и бомбардирани пејзажи.

„Децата се надгледуваат од специјално обучени возрасни вработени, кои ги учат како да го користат алатот што им е даден, но инаку интервенираат само кога постои опасност за децата, на пример кога ќе се претера во војната  меѓу ривалски ’тврдини’, или кога ’рѓосан клинец или остар предмет преставува закана за нив,“ пишува Ричард Шифман во текстот за Њујорк тајмс.

Главниот проблем зошто овие игралишта не се повеќе раширени е стравот на компаниите дека би можеле да бидат тужени доколку некое дете се повреди, плус тука се федералните правила за дизајн на игралишта кои се застарени и развиени пред повеќе децении.

Концептот е анализиран од основачката на организацијата за истражување и дизјан на игралишта Лудо, Меган Таларовски. Таа прави споредба на повеќе различни пристапи низ светот, и ги споредува американските, со помалку безбедните британски игралишта, „и изненадувачки, имајќи го предвид потенцијалот за ризично играње, има помалку повреди на игралиштата во Лондон отколку на оние во САД“.

„Најдобрите игралишта изгледаат опасно ама се комплетно безбедни,“ порачува Таларовски.

Шифман во разговорот ја вклучува и Норвежанката Елин Сандсетер, која работи на истражување на раното детство. Според нејзе децата сакаат поостра игра со паѓања, качување високо и движење на нивните тела со висока брзина, „бидејќи тие активности се критичен начин на кој децата учат за ризици и се соочуваат со стравот“.

Сандсетер посочува дека тоа што ние ги спречуваме децата да го прават ова, предизвикува фрустрација кај нив која резултира со каскадерско однесување на регуларните игралишта што е причина за голем број повреди.

„Јас дојдов до контра-интуитивен заклучок дека преземањето ризични активности е многу важно во спречување на повредите.

Децата учат како нивните тела функционираат, како светот функционира. Тие учат фундаментални вештини кои на крај ги заштитуваат,“ објаснува доктор Мариана Брусони, научник од Институтот за деца и семејства во Ванкувер.

Брусони има и сопствен сајт кој е „он-лајн алатка што треба да им помогне на родителите и негувателите да добијат поголема самодоверба и да им дозволат на своите деца повеќе да играат надвор.“

Ставот на авторката на „Американски игралишта“, Сузан Соломон, е:

„Не паѓам на објаснувањето дека екраните и паметните уреди ги држат децата подалеку од игралиштата.

Ако игралиштата беа подобри, децата ќе беа таму. Подобри игралишта би биле вистинска конкуренција на екраните.“

16 мај 2019 - 15:29