Рецензија на делото „Бозата ти е пријател“ (aka WTF) од Мартин

Делото блика со убаво наштелуван патриотизам, воочливо од детаљот дека Калиопи е позиционирана многу повисоко од Жељко Јоксимовиќ, а згора на тоа добива 12 евровизиски поени, што на сликата ѝ дава дополнителна доза на патриотски оптимизам. Воедно тоа ја позиционира модерната жена високо на уметничкиот пиедестал, без разлика на тоа што таа можеби слабо го владее англискиот јазик. Со ова се влева една доза на хуманост и сочуствување со човековата несовршеност.

Делото „Бозата ти е пријател"објавено во галеријата на offnet.mk, претставува извонредно достигнување на современата „офстрим" уметност во Македонија. Станува збор за визуелен бриколаж и семиотички мозаик кој истовремено го доловува македонскиот „Zeitgeist", но и остава траги и сведоштво на поединецот заплеткан во реалноста и знаците кои го опкружуваат, и од кои тој, колку и да сака, не може (лесно) да се одбрани.

Делото е фундирано на две симболички оски кои ги проектираат принципите на Добро и Зло: од левата страна е Злото, сочинето од низа знаци и симболи кои го асоцираат принципот на Негативното, додека од десната страна е оската на Доброто и редица знаци кои по наумот на авторот го градат и бранат принципот на позитивното. Кон овие два сопоставени столба, кои во манихејски се судираат на платното на уметникот, вградени се неколку бинарни опозиции, oдносно антагонизми, кои треба да го доловат тој епски судир:
Ж'ТА – Боза
Гавазова – Калиопи
Темни облаци и громови – Сонце
Канго, рок пророк – Г. Г. Стефан
Цигари – Спорт (симболизиран со кош и кошаркарска топка)
Motorhead, Slayer, GG Allin и ACDC – Свети Тројца Жељко (Бебек, Јоксимовиќ и Самарџиќ)
Beer & Bitches, Drugs (симболи на декаденција) – E=MC2, π (симболи за наука и знаење)
Jesus is a Fag – МПЦ срце
Мртовечка глава (симбол на смрта и деструкцијата) – Фејзбук (симбол на животот и дружењето)
Препознатливи симболи на хард/метал бендови и супкултура – математички формули...
Parental advisory (програми) – Сител телевизија

Делото е контроверзно со самото тоа што Калиопи и Сител ги става на оската на Доброто, но авторот како да нè предупредува со ова да не заспиеме пред реалноста, да го активираме својот сознајно-критички капацитет и да ги преиспитаме елементите на мозаикот вплетени во него. Веднаш се поттикнува сомничавоста и критичкиот дух на набљудувачот кој низ овие присокриени детали открива дека реалноста и не е така црно-бела како што на прв поглед можеби изгледа. Како симетричен баланс на оваа двозначност на Сител и Калиопи е поставена обетката во форма на крст на увото на младиот негативец од лево, која ни порачува да не се препуштаме на формите, туку да се внурнеме во подлабокото значење и смисловност на знаците и симболите. Формите можат да залажат, а тоа она што е можеби и најголем предизвик на нашето совремие.

Секако, централно место во овие две бинарни оски на Доброто и Злото го зазема ликот на младото момче кое не само што ја надополнува оваа констрастивна поставка, туку и дава извонредна длабочина и лична, човечка, односно хумана, страна. Од десната страна тоа е лик на насмеано младо момче кое му се радува на животот, носи спортски дрес (со боите на националниот тим, жолта и црвена), додека од лева страна е неговиот антипод, односно момче избричено полуќелаво и со кикиришка фризура, со модринки, лузни и зулуф-јаречка брадичка комбо. Во својата визуелна и метафоричка директност делото ја отсликува парадоксалноста и шизофреничноста на совремието кое ви нуди екстремни спротивности, пред кои се исправени младите и за кои мораат да направат избор.

Покрај видливите бинаризми и антагонизми, наведени претходно, постојат и прикриени антагонизми како што е на пример оној на „Твитер" наспроти „Фејзбук" даден во кодирана форма (хаш таг #цицки vs логото на Facebook).
Делото блика со убаво наштелуван патриотизам, воочливо од детаљот дека Калиопи е позиционирана многу повисоко од Жељко Јоксимовиќ, а згора на тоа добива 12 евровизиски поени, што на сликата ѝ дава дополнителна доза на патриотски оптимизам. Воедно тоа ја позиционира модерната жена високо на уметничкиот пиедестал, без разлика на тоа што таа можеби слабо го владее англискиот јазик. Со ова се влева една доза на хуманост и сочуствување со човековата несовршеност.
Симетричноста е присутна во различни директни, но и прикриени форми, што го одразува доминантниот концепт за убавина во европската уметност: шише боза наспроти шише ж'та, сонцето и топката (2) наспроти цицките на Гавазова (2), цигарата наспроти кошаркарскиот столб, и така натаму.

Како и во сите значајни уметнички трудови, така и во овој присутна е полисемијата. Туке може да се напомене на пример фрагментот „Puna" и дилемата дали се работи за печатна грешка? Или можеби авторот не сакал да ги повреди авторските права на брендот „Puma"? Секако, се работи за суптилна уметничка интервенција која покажува дека уметноста најмногу се отсликува во деталите: фрагментот „Puna" реферира кон модерните феномени на копирање и имитирање на вистинските вредности (како на пример имитациите на батериите SONY со неквалитетни батерии SQMY) и му порачува на набљудувачот да внимава кон какви вредности се приврзува и ги почитува: копиите и имитациите доминираат во нашиот живот, а уметноста е тука да ни помогне да ги разобличиме.

sead93

 

10 мај 2012 - 10:36