Меша Селимовиќ: Власта е порок за кој нема лек

Дали сите валии се затворени, протерани или потепани? И целата нивна свита? А секогаш доаѓаат нови, и доведуваат своја свита, и ги повторуваат глупостите на своите претходници, бидејќи поинаку не можат. И така во круг, без престан.

Постојат три големи страсти: алкохол, коцка и власт. Од првите две некако и може да се излечи, од третата никако.

Власта е најтежок порок. Заради неа се убива, заради неа се гине, заради неа се губи човечки лик. Неодолива е како волшебен камен бидејќи привлекува моќ. Таа е духот од Аладиновата ламба која му служи на секоа будала која ја држи. Одвоени, тие не рпеставуваат ништо, заедно, тие се судбина на овој свет. Чесна и мудра власт нема зашто желбата за моќ е бесконечна.

Човек на власт го поттикнуваат кукавици, го бодрат ласкавци, го поддржуваат лопови и неговата претстава за себе секогаш е поубава од вистината. Сите луѓе ги смета за глупави бидејќи пред него го кријат своето вистинско мислење, а за себе си го присвојува правото да знае сè, и луѓето тоа го прифаќаат. Никој на власт не е паметен, бидејќи и паметните брзо ја губат својата разборитост, и никој не е трпелив, бидејќи мразат промени. Веднаш создаваат вечни закони, вечни начела, вечно устројство, и врзувајќи ја власта за Бога, ја зацврстуваат својата моќ. И никој не би ги срушил, ако не стануваат закана за други моќници .Секогаш ги рушат на ист начин, објаснувајќи го тоа со насилството кон народот, а сите се насилници, и со предавство на владетелот, а никому тоа ни на ум не му паѓа. И никого тоа го нема вразумено, сите се далдисани кон власта, како ноќни пеперутки кон пламенот на свеќата.

Дали сите босански валии се затворени, протерани или потепани? И целата нивна свита? А секогаш доаѓаат нови, и доведуваат своја свита, и ги повторуваат глупостите на своите претходници, бидејќи поинаку не можат. И така во круг, без престан. Без леб народот може да остане, без власт нема. Тие се болест на народното тело, како тртки. Кога една тртка ќе отпадне, ќе порасне друга, можеби уште погрда. Не можете без нас, ни велат, разбојниците би се намножиле, непријателот би нè нападнал, неред во земјата би настанал. А кој ја држи оваа земја, кој ја храни, кој ја брани? Народот. А тие нè глобат, казнуваат, затвораат, убиваат. И уште ги тераат нашите синови тоа да ни го прават.

Тие без вас не можат, вие без нив морате. Тие се малку, нас нè има многу. Само со прст да мрднеме, колку нè има, таа багра не би постоела. И ќе го сториме тоа, браќа мои здробени, штом пораснат вистински луѓе кои нема да дозволат вампири да им седат на врат.

Меша Селимовиќ, во романот „Тврдина“.

25 декември 2018 - 10:14