Во Русија на руски, софтвер

Русија изгласа закон со кој во земјата се забранува продажба на смартфони во кои нема однапред инсталиран руски софтвер.

Освен смартфони со законот се опфатени и компјутери и паметни телевизори, а комплетната листа на уреди ќе биде објавена од руската влада.

По ново, уредите и понатаму може да бидат продавани со својот стандарден софтвер, но во нив мора да бидат инсталирани руски „алтернативи“.

За поборниците за законот, тој ќе помогне во промовирање на руската технологија и ќе им олесни на луѓето да ги користат уредите што ги купуваат. Наспроти ова е стравот по две основи: прво, прислушување и следење; второ, дека законот ќе доведе до повлекување на компании од рускиот пазар.

Запознавањето со рускиот софтвер е и мотивацијата на ко-авторот на законот, Олег Николаев, според кој кога купуваш електронски уред тој доаѓа со однапред инсталирани апликации, претежно западни, „па кога човек ќе ги види тој може да си помисли дека не постојат домашни алтернативи на нив. И ако паралелно со тие однапред инсталирани апликации нудиме и руски, тогаш корисникот ќе има право на избор“.

Правилото треба да почне да важи од јули 2020.

21 ноември 2019 - 22:51