На Инстаграм му се смачи да биде мерка за популарност

Откако сите си пружија рака околу штетноста на бројката на лајкови и како таа влијае на психичкото здравје на корисниците на Инстаграм (меѓу другото), компанијата реши да тргне по нов пат и да ги збрише лајковите од апликацијата. По неколку месеци тестирање во Канада, излезе дека на народ и не му пречи да го нема бројчаникот.

Корисниците што учествуваа во тестот и понатаму можат да го гледаат бројот на лајкови што нивната фотка (или видео) ги имаат собрано, меѓутоа никој друг не може.

Намерата на Инстаграм е да ги натера луѓето „да се фокусираат на фотографиите и видеата што ги споделуваат, а не колку лајкови тие собрале“.

Компанијата допрва треба да објави колку било успешно криењето лајкови и како влијаело на навиките на корисниците. Она што ја наговестува потенцијалната успешност на проектот е што неделава Инстаграм експериментот го прошири на шест дополнителни држави (Ирска, Италија, Јапонија, Нов Зеланд, Бразил и Австралија).

Главната поента на сведоштвата од корисниците што ги собира Верџ е дека сега тие се „послободни да постираат што ќе посакаат, наместо само да се трудат да соберат повеќе лајкови.“

Истото што важи за регуларните корисници важи и за бизнис / креатор профилите, тие и понатаму можат да ги гледаат своите детални статистики, меѓутоа бројките не се достапни за публиката.

23 јули 2019 - 12:14