Луѓе, да одмориме малку мозок

Британска екипа истражувачи неделава го пуштија најголемиот супер-компјутер на светот кој го ц'цкаат над 10 години а чија единствена задача е да го имитира човечкиот мозок и неговото функционирање. Да имаа при рака некој овдешен модел на пратенички мозок, многу порано ќе завршеа работа. 

Живее во Манчестер, Англија, работи по дизајн наречен "Архитектура на шилеста невронска мрежа" (SpiNNaker) и е досега најимпресивниот обид да се реплицира моќта на човековиот мозок со помош на силициум.

Еден од најголемите технички предизвици во ова невроморфно компјутерсто е да се креира хардвер кој може да се справи со масивни паралелни процесирачки капацитети кои ја играат улогата на компјутерот кој го имаме во черепот. Се состои од еден милион процесорски јадра кои се способни да изведуваат 200 трилиони операции во секунда а чудото се составува уште од 2006-та година. Во срцето на специјалната машина се наоѓаат 18 тесно поврзани процесорски јадра со преку 55.000 чипови кои се поврзани со остатокот од процесорите.

Во човечкиот мозок, невроните меѓусебно комуницираат со кратки флешови, искри на електрохемиска енергија. Индивидуалните флешеви не содржат многу информација но кога стотици милиони искри ќе се случат истовремено, стартува софистицираното процесирање кое овозможува, на пример, да се разбере оваа реченица.

Суперкомпјутерот ќе проба да го прави истото: милијарди мали пакети информации да стигнуваат до десетици илјади дестинации во истиот систем. Тоа е различно од начинот на кој функционираат стандардните компјутери кои работат со далеку поголеми пакети информации (бидејќи во нив треба да се содржат и информации за тоа каде компјутерот да ги рутира).

Со други зборови, обичен компјутер е како да се праќа писмо по пошта, со плико, марка, адреса на испраќачот и на реципиентот. Кај манчестерскиот мозок тоа е дизајнирано како секое од тие милијарди писма да има свој дедициран поштар кој знае каде треба да го достави.  

Најслаткото на крај: екипата се надева дека еден ден ќе успее да го скалира моделот до степен во кој ќе можат во реално време да функционираат билион негови неврони. Тоа е неспоредливо повеќе од било кој друг модел на светот но истовремено е само еден процент од човечкиот мозок кој содржи 100 билиони неврони.

8 ноември 2018 - 13:16