Хуавеи трга во војна

Во меморандум испратен до вработените, првиот човек на Хуавеи, Рен Женгфеи, порачува дека компанијата треба да биде се издигне на ниво за војна, за да се справи со блокадите од САД.

Женгфеи во текстот порачува дека иако резултатите од првото полугодие се здрави, тоа делумно отпаѓа и на тоа што дел од кинеските компании од сочувство порано исплатиле дел од своите долгови.

„Компанијата се соочува со живот или смрт момент... ако ти не можеш да си ја вршиш работата, тогаш направи место за нашиот тенк да продолжи напред. А ако сакаш да излезеш на бојното поле, можеш да врзеш јаже за ’тенкот’ и да го влечеш напред. Ваква решителност е потребна од секого,“ порачува Женгфеи во меморандумот.

Тој ги повикува службите на компанијата на време да ги наплаќаат долговите за да се осигура стабилен прилив на пари. Освен ова, тој бара компанијата да се бори за таргетите одредени пред воведувањето санкции. Хуавеи беше на пат да стане најголемиот производител на смартфони во светот, пред да почне да се развива целата драма.

Женгфеи очекува за три до пет години, во Хуавеи „да тече нова крв... Откако ќе го преживееме најкритичниот момент во историјата, ќе се роди нова армија. За што да прави? Да доминира со светот.“

Во едно претходно интервју Рен изјави дека компанијата годинава ќе произведе 60.000 5Г базни станици, а следната година 1,5 милиони, за кои тврди дека се 30% поефикасни од претходната генерација и за кои повеќе нема потреба од американски делови.

Трамп деновиве одлучи уште еднаш на 90 дена да ја одложи блокадата на Хуавеи.

21 август 2019 - 13:00