Гугл покажа дека Епл е во право

Пред една година, кога го лансираше Ајфон 7, Епл самоуверено застана наспроти сите свои корисници и објави дека го укинува 3,5-милиметарскиот аудио влез. Истата година, Гугл на презентацијата на новиот Пиксел го пеналеше Епл гордо објавувајќи дека Пиксел има една работа што не е нова, 3,5-милиметарски аудио влез. Една година подоцна, Гугл реши да тргне по патот што му го изгази Епл.

Ланската одлука на Епл е калкулиран ризик на долг рок, дека предизвиканата галама и незадоволство околу недостатокот на 3,5-милиметарскиот аудио влез во иднина ќе резултира со ослободување на простор во уредот, и притисок врз производителите за развивање на подобри безжични и дигитални слушалки. Неколку производители веќе имаат изработено своја верзија на лајтнинг кабелот која вади најдобар квалитет на звук од нивните слушалки.

„Гледајќи како другите производители на мобилни како ХТЦ, Моторола, Ксиаоми и Гугл одат по овие стапки, работите излегуваат баш како што Епл ги предвиде,“ пишува Влад Савов во Верџ.

По завршувањето на годинешниот Гугл настан и презентацијата на Пиксел 2, од Гугл за Течкранч го даваат следното објаснување за отстранување на аналогниот аудио влез:

„Главната причина е воспоставување шаблон за дизајн за иднината. Ние сакаме екранот да оди што е можно поблиску до ќошињата. Нашиот тим одлучи 'ако веќе се префрламе, ајде да го направиме тоа порано, наместо подоцна.' Минатата година можеби беше премногу рано. Сега веќе има повеќе уреди на пазарот.“

На прва, забелешката е дека Галакси С8 и ЛГ В30 успеваат да извадат уред со екран без граничник, а и покрај тоа да имаат влез за аналогни слушалки. Меѓутоа и кај Гугл оправданието е во линија со логиката на Епл, дека на долг рок тој простор е потребен, посебно кога се бориш со уреди чија големина константно се намалува.

Во случајот со Гугл, отстранувањето на аудио влезот е донекаде и добредојден заради лошиот звук што тој го вадеше, по зборовите на Влад Савов „отстранувањето на џекот за слушалки би било покажување милост.“ Сепак, одлуката е важна и затоа што уредот, без разлика на занемарливата продажба, има сериозно влијание на правецот во кој ќе се движи понатамошниот развој на Андроид смартфоните. Претходно Нексус, а сега Пиксел „служи како прототип на најдобриот Андроид уред што Гугл можел да го замисли.“

"Тој треба да е водилка за Андроид хардверските партнери во развојот на уреди кои најдобро ќе одговараат на правецот на развој на софтверот што Гугл го замислил. Жичката од Нексус продолжува во Пиксел смартфоните, а тоа што тие го сигнализираат е дека Андроид е тргнат по истиот пат како Иос, оставајќи го аудио џекот зад себе," пишува Савов.

Рекламата за ланскиот Пиксел:

7 октомври 2017 - 15:02