Зошто Германците не сакаат економија слична на американската?

На неодамна одржаните избори во Германија од мртвите се врати една партија, чиј харизматичен лидер изгледа и се однесува како американски бизнисмен. Неговата платформа ги поттикнува сограѓаните да станат (дигитални) претприемачи и да се фокусираат на личното богатење. Зошто ваквиот техно-либерализам не поминува масовно кај германските гласачи?

Кога Силициумската долина би формирала политичка партија, таа би можела да изгледа како моменталното издание на германските Слободни демократи (FDP). На овогодишните избори тие понудија платофрма која изгледа како да ја пишувале Маск и Цукерберг - нејзините најважни амбиции вклучуваат создавање економија која би поттикнувала мали бизниси, дигитализирање на германската бирократија (што не е мал потфат) и радикално намалување на данокот на приход, кои за најбогатите во моментов изнесува 45%.

Платформата ја врати партијата од мртвите. Во 2013 тие прв пат во својата историја (партијата е основана во 1948) не успеаа да влезат во Бундестагот, но на изборите кои се оддржаа изминатата недела добија над 10% од гласовите.

За многумина ова значи дека во Германија наскоро може да се случи културна промена. Харизматичниот 38-годишен лидер на ФДП, Кристијан Линдер, отворено има изразено таква желба, нарекувајќи ја германската економија, во интервју за Економист, „халуцинација на благосостојба“. Според него во оваа земја претприемништвото долго време било потценувано, па така општества кои биле подготвени да ризикуваат повеќе, и кои имаат квалитетни пазари на капитал, економски веќе ја имаат претркано Германија. „Ние би можеле да бидеме лидери на новата економија, ама треба да го сакаме тоа“, изјавил тој.

Но токму тоа е и поентата - повеќето Германци не го сакаат тоа. За прогресивните, па дури и за Германците од центарот, стартап дефиницијата на „успех“ (Erflog) не е компатибилна со нивните вредности, кои не се фокусираат на индивидуалното богатство или на кариерите. Иако подемот на партијата е метеорски споредено со претходните години, германските културни придобивки, кои вклучуваат одбрана на системот за социјална заштита кој придонесе за брзо опоравување на земјата од минатодецениската рецесија, подразбираат поинаков светоглед од оној кој долго ги опседнува САД.

Линднер, опишуван како харизматичен, тензичен и миленик на камерите, е и „тевтонска Ен Рајнд“, кој ги освои срцата и гласовите со серија постери кои буквално се состоеа од црно бели фотографии од него како се ѕвери во телефонот, со натпис (и тоа со повеќе од половина зборови на англиски!) - „Прво дигитализација, после мислење“ (Digital first. Bedenken second.). Тој беше маргинален лик до импровизираната тирада од 2015 која стана вирална, во која изјави дека „луѓето порадо одат во државна работа отколку да почнат нешто самостојно“, а причината е што ако си успешен тогаш системот те зема на заб, а ако не тогаш стануваш предмет на сеир и исмевање.

Иако е делумно во право, за поголемиот број Германци поттикот да се вклучат ов таканаречениот „бутстреп“ капитализам (таков кој се потпира само на лични ресурси, без надворешна помош“ е не само морално погрешен, туку е несфатлив. Благодарение на генералното клонење кон лево кога се во прашање економските прашања по студентските рволуции од 1968, повеќето од нив се интересираат за колективното добро, а споредбено високие даноци не ги сметаат за жртва туку за фундаментална компонента на цивилизираното општество. Накратко, тие ја гледаат улогата на збогатувањето и конзумеризмот на фундаментално различен начин.

За Германците внимателноста и штедливоста се елементи на цврст морален карактер.Tие се мислат што да купат со години, и очекуваат она за што ќе дадат пари да трае со децении (како што обично и траат германските производи). Дури и најбогатите не се расфрлаат со пари и не се прчат пред медиумите. Добриот баланс меѓу работата и животот не вклучува масажи и бесплатни оброци во корпорации кои поттикнуваат 90-часовна работна недела. Тие не само што работат 35 часа неделно во просек, туку имаат време на пауза да се напијат и едно пиво. Имаат обврзни шет недели Urlaub или летен одмор, на што му пристапуваат со посветеност каква Американците покажуваат само кон своите работни места.

Така, додека Кристијан Линднер е опседнат со правење пари и возење спортски автомобили, Германците се опседнати со негово исмевање, затоа што сметаат дека неговата жед за финансиски успех го заслужува тоа. Излегоа и мемиња под хаштагот #thermilinder, во која политичарот е претставен како промотор на Термомикс, скапиот (над 1200 евра) „паметен“ блендер/готвач на храна кого го поседуваат голем број германски семејства. Германците можеби уживаат во технологијата во нивните домови, но најголемиот број од нив не го „купува“ она што го продава Линднер.

Освен што се кренаа против радикалната десница која доби 13% од гласовите, Германците имаат исто така добра причина да бидат сомничави кон ФДП, заради техно-либералниот етос кој може да значи зголемување на јазот во примањата и негирање на јавното добро. Обете нешта се навредливи за Германците. Иако добро изгледа на постери.

29 септември 2017 - 19:51