Заложникот што со себе понесе талибанско „ноу-хау“

Џошуа Бојл, човекот кој 5 години со своето семејство им беше заложник на Талибанците, викендов е уапсен во Канада и тоа по обвиненија меѓу кои има напад, сексуален напад и присилно затворање луѓе.

Обвиненијата се за дела што Бојл ги извршил откако тој и неговото семејство минатиот октомври се вратија во Канада (едвај нешто повеќе од 2 месеца). Судот издал забрана за медиуми со која не се дозволува објавување на детали од првото сослушување.

Против 34-годишниот Канаѓанец има вкупно осум обвиненија за напад, две за сексуален напад, две за присилно затворање луѓе и едно за смртни закани.

Тогаш 29-годишниот Бојл и неговата сопруга Каитлан Колман беа заробени од Талибанците во октомври 2012, додека биле на прошетка низ Авганистан.

Откако се вратија во Канада, тие со себе имаа и 3 деца родени во заробеништво. Тогаш Бојл изјави дека нивното четврто дете било убиено, а неговата сопруга била силувана откако биле заробени од Талибанците. Неговите „домаќини“ тогаш ги отфрлија обвинувањата за силување и убиство.

Инаку, минатиот месец Бојл со своето семејство беше во Владата на Канада во посета на премиер Џастин Трудо.

4 јануари 2018 - 11:58