Во врска со Сирија, Обама успеа да ги пацифицира - Американците

За една интересна оставштина на надворешната политика на Барак Обама. Сегашниот претседател не само што ja преспа моменталната бегалска и цивилизациска криза во Сирија која добива епски размери туку успеа да ги убеди Американците дека немаат никаква вина околу тоа.

За постарите генерации, гладувањето во Бијафра беше доволна причина да се создаде меѓународно  движење. Пред една деценија, цркви и синагоги заедно собираа помош за ублажување на мизеријата во Дарфур а кога Талибанците во 2001-ва го дигнаа Буда во воздух, САД го здружија светот во осудата на ваквото уништување на цивилизациските наследства.

Денес ИСИС ги пеплоса непроценливите историски обележја во Палмира а половина Сиријци се раселени (во самата земја, во регионот и низ цел свет). Во размер, тоа би било исто како 160 милиони Американци одеднаш да останат без дом. 250.000 луѓе се таму убиени, што од ИСИС, што од Асад, што од питај бога кого.

Па сепак, денес баш и не гледаме знаци "Save Syria", како што некогаш ги гледавме оние на кои пишуваше "Save Darfur."

"Јас на ум ги имам не само нашата сила и капацитети туку и нашите ограничувања," го најави американскиот претседател своето перење раце од Сирија уште пред две години. "Како да ги одмеруваш десетиците илјади убиени во Сирија и десетиците илјади убиени во Конго?," праша Обама (иако во тоа време во Конго не беа убивани десетици илјади луѓе).

Тој својот ангажман околу Сирија своевремено го преточи во планови за тренирање на војската на сириската опозиција и отворање безбедна зона на границата со Турција. Плановите подоцна беа или напуштени или сведени на банални пропорции: тренираа по 50 војници годишно а безбедна зона кај Турција нема.

Обама имплицираше дека бидејќи САД не можат да го решат секој проблем на светот, тие можеби не можат да решат ниту еден, пишува Фред Хајат од Вашингтон Пост забележувајќи ја анестезираноста на американското општество околу страдањата на Сиријците.

Повлекувањето од Ирак доведе до раѓање на ИД, празните закани кон Асад го оставија тој да се разузда и денес имате илјадници непријателски настроени и опасни луѓе кои можат да ја дестабилизираат Европа а и да удрат на самата Америка. вели авторот потсетувајќи дека американскиот претседател дојде на крилјата на ветувањата дека ќе ја обнови моралн

"Вртењето на главата од проблемите нема да помогне. Ако не успеавме да ги спасиме оние во Конго, навистина ли не можеме да спасиме никого во Сирија?" прашува текстот кој потсетува дека Обама стана претстедател ветувајќи дека ќе ја обнови моралната вертикала на САД.

14 септември 2015 - 11:03