Варуфакис се кандидираше на избори - во Германија

„Ние сме поголеми Германци од Германците,“ порача хрватскиот филозоф Среќко Хорват кој заедно со некогашниот грчки министер на финансии,  Јанис Варуфакис, решија да побараат пратенички места во европскиот парламент преку Германците. Во кампања одат не со митинзи, не со средби со граѓани, туку со постери на Памела Андерсон. Старите другари од Левицата се ужаснати, се ситнел отпорот.

Четири години откако грчкиот финансиски министер со статус на рок ѕвезда се судри со своите колеги од северот на Европа околу мерките за штедење и враќањето на долговите, Јанис Варуфакис повторно ќе си ги мери силите со стариот непријател. Само што сега во него ќе бара сојузници бидејќи реши да се кандидира за изборите за европскиот парламент, не во својата родна Грција, туку во Германија.

Тоа го направи заeдно со Среќко Хорват и австриската економистка Даниела Плaч, сите тројца другари од пан-европската DiEM25 (Democracy in Europe Movement 2025) кои на 26 мај ќе побараат поддршка од германските гласачи за влез во Европскиот парламент.

Некои стари сојузници на Варуфакис сега се непријатно изненадени од ваквиот потег бидејќи по нив вака не се демократизира Европа туку само се ситнат левичарските гласови во време кога десницата доживува ренесанса.

„Запрепастени сме од тоа дека ДиЕМ25 преферира да ги подели левите гласови отколку да се бори за единствена и силна европска левица која ќе говори со еден глас. Во време кога крајната десница е во полн замав, не ни треба играње со ТВ ѕвезди од 90-тите години туку силна и уверлива левичарска алтернатива,“ вели Габи Зимер, ветеранка во гермaнската Левица.

Варуфакис, Хорват и Плaч ја искористија законската можност да се кандидираат во Германија бидејќи во таа земја се бара само човек да е државјанин на која било земја од ЕУ и да престојувал во Германија минимум 6 месеци.

„Ние само ги следиме правилата и во тој поглед сме поголеми Германци од Германците“, вели Хорват.

Класичните форми на терање кампања оваа тројка реши да ги заменат со постери на познати лица. За почеток, Берлин бил залепен со илјада постери на плејбој/бејвоч/домашно порно ѕвездата Памела Андерсон која во последно време е ребрендирана како активистка.

Хорват објаснува дека се решиле на постери со Памела бидејќи германските постери за тековната кампања за ЕП се бескрајно досадни. И не само заради тоа:

„Не треба да оставиме само Стив Бенон да биде тој кој ќе открива нови модалитети на политичка акција и агитирање. Треба да ја искористиме сета наша имагинација за да ја поткопаме доминантната парадигма на политичка комуникација.“

Во европската Левица ваквиот потег на Варуфакис главно го сметаат за штетна егзибиција, особено што тој самиот најави дека ако сега освои пратеничка фотеља, брзо ќе даде оставка за да учествува на грчките избори за Европскиот парламент кои се закажани за на есен.

За разлика од Грција, во Германија не постои цензус за влез во ЕП. Благодарејќи на тоа, на изборите во 2014 година, сатиричната групација „Партијата“, со само 0,6 % од гласовите обезбеди место во Брисел и Стразбур (парламентот секој месец шалта меѓу двата града што ги чини даночните обврзници 114 милиони евра годишно).

На слична изборна математика се надева и екипата на Варуфакис; проценките се дека 300.000 гласа во цела Германија ќе им се доволни за пратеничко место. Но, слични пресметки имаат и други бидејќи на овие избори се пријавени рекорден број партии - 40. Во моментот препознатливоста на Варуфакис е слаба и неговата екипа ни во трагови се нема појавено во педантните истражувања на германското јавно мислење.

******

Види и:

Варуфакис за ЕУ: Лицемери со кои не вреди да се преговара

Како функционира Еврогрупата?

13 мај 2019 - 13:10