Трудо го разреши канадскиот амбасадор во Кина затоа што зборел без дозвола

Амбасадорот Џон Меккалум е отпуштен затоа што без да добие дозвола проговорил во врска со апсењето на финансиската директорка на Хуавеи, Менг Венџу, на аеродром во Ванкувер.

Во интервју за кинески медиуми, Меккалум изјавува дека Менг имала „силни аргументи“ за избегнување екстрадиција во САД и дека екстрадицијата на Менг „не би била среќно решение“.

Ваквата изјава речиси инстантно ги наежи што домашните, што остатокот од западните дипломати во Кина.

По ова Меккалум се извинува и во интервју за канадските медиуми изјавува дека „погрешно се изразил“ за потоа да надополни дека ако САД се откажат од барањето за екстрадиција, тоа би било „одлично за Канада“.

Во прво време Трудо му чуваше грб на амбасадорот, за по неколку дена да објави дека „побарал и добил“ оставка од Меккалум.

29 јануари 2019 - 10:36