Трамп би да се бори со Конгресот и околу признавање на Крим

Не дека Трамп би признал руски суверенитет врз Крим, ама сака опциите да му се отворени и да не му ги ограничуваат со Устав дадените права на признавање што ќе му текне.

Како што го потпиша новиот закон за трошоци на американската војска, Трамп порача дека тоа што со истиот закон му се забранува да го признае Крим како руска територија ништо не значи.

Трамп изјави дека неколку ставки во законот се неуставно нарушување на неговите права како претседател. Меѓу ставките за кои зборува е и забраната за трошење пари на Пентагон „за каква било активност што ќе го признае суверенитетот на руската федерација врз Крим“.

Вака поставените работи Трамп ги смета за обид на законот да ја „диктира позицијата“ на САД во меѓународните воени работи, порачувајќи дека неговите уставни права вклучуваат моќ да „ги одлучи условите под кои би признал странски суверенитет.“

Освен Крим законот опфаќа уште две ситуации што американскиот претседател ги доживува како мешање во негови работи, и се однесуваат на неговото право да одлучува околу префрлање затвореници во и од Гвантанамо. За разлика од Обама кој цели два мандата го затвораше Гвантанамо, Трамп порача дека планира да го остави отворен и активно да го користи.

Инаку главната намена на законот е да се обезбедат дополнителни 716 милијарди долари за американската војска.

16 август 2018 - 14:51