Тимот што го уби Кашоги побарал бонус за својата работа

Наведувајќи го обемот успешно измачувани и киднапирани луѓе, СРИГ (Saudi Rapid Intervention Group) наводно побарале бонус од принцот престолонаследник Мухамед Бин Салман, пренесува Њујорк тајмс од нивни извори од американските разузнавачи.

Тимот наводно е составен во 2017 по барање на МБС, а веќе во јуни 2018 тие толку биле зафатени со работа и спроведување задачи, што нивниот лидер побарал да им бидат исплатени бонуси пред крајот на минатогодишниот Рамадан.

Изворот на Њујорк тајмс наведува дека дневните активности на тимот вклучуваат киднапирање, притвор и измачување на саудиски свештеници, интелектуалци и активисти. Меѓу задолженијата било и насилно враќање на пребегнати Саудијци во други арапски држави.

Тајмс не објавува дали принцот го услишил нивното барање за бонус.

Саудиска Арабија и понатаму негира дека МБС бил вмешан во убиството на Кашоги, а според нивната верзија одлуката била донесена во моментот од самиот тим во конзулатот во Истанбул.

Сега 11 неидентификувани Саудијци се соочуваат со обвинение за убиство, а петмина можат да добијат смртна казна.

Американските разузнавачи тврдат дека имаат пресретнато комуникација од септември 2017 во која МБС изјавува дека ќе употреби „куршум“ против Кашоги.

19 март 2019 - 12:47