Та не е саде Трамп на два памета околу НАТО

Кога Трамп дојде на власт една од првите изјави во дипломатскиот домен се однесуваше на НАТО и неговата излишност од американска перспектива што предизвика драма и пискотници од Мадрид до Берлин. По само неколку години Трамп не звучи ништо посебно радикално.

Ако Трамп беше политичкиот аутсајдер без основна контрола врз она што излегува од неговата уста (Твитер сметка), истото ни приближно не важи за еден од лидерите „од срцето на Европа“, Емануел Макрон, кој на доаѓањето на власт беше славен како спасителот на светот и контра-тежата на американскиот реалити шоу кловн.

Е кога овој Макрон во интервју ладно порача дека НАТО е мртво, со иста рамнодушност како кога зборува за блокадата на членството на некој балкански протекторат во ЕУ, проблемот ескалираше на сосема ново ниво, па машинеријата тргна во китирање на дупките од ПиАр несреќата. Од една страна Столтенберг мавташе со прстот кон Макрон укорувајќи го за погрдните зборови за неговиот клуб на колекционери на оружје, од друга страна Меркел го прекори својот колега и вети дека годинава Германија ќе плати во НАТО колку што сето ова време се очекуваше од нејзе.

Додека Америка тера со своето „за мои пари ќе правам што сакам“, а Европа традиционално е опседната со самата себе, Ердоган со упадот во Сирија покажа ниво на раскалашеност кое не си го дозволија ниту САД во окупацијата на Ирак, а по пат почна да купува руско стратешко оружје и сето тоа без да има какви било (реални) последици по земјата.

Е, за некој ден сите овие треба да се сретнат во Лондон на годишниот самит на НАТО и здружно да разговараат за иднината на оваа организација.

2 декември 2019 - 17:51