Синот на британската кралица уште подлабоко заглави околу пријателството со педофилот милијардер

Запрашан зошто продолжил да оди на гости и да престојува кај Епстин дури и откако милијардерот бил обвинет за педофилија, одговорот на британскиот принц Ендру (титула која му носи слободен претстој на безброј места низ светот) е - па некако беше пријатно.

Во 2010-та, неколку месеци откако Епстин ја отслужува казната за педофилија, Ендру е снимен како престојува во домот на милијардерот во Њујорк, и таму останува 4 дена. Верзијата на британскиот принц е дека:

- Таму бил за да го прекине пријателството со Епстин.

- А останал 4 дена кај него во куќа, затоа што таму било многу комфорно.

„Беше комфорно место за да се остане. Безброј пат го размислував ова и на крајот од денот имајќи ги на ум сите информации што денес се излезени во јавност тоа дефинитивно беше грешка, но во тоа време јас сметав дека тоа е чесна и правилна работа што треба да се направи.

Признавам дека мојата процена најверојатно беше заматена од мојата тенденција да бидам премногу чесен, но така стојат работите,“ одговара Ендру, алудирајќи на тоа дека не сакал да го напушти својот пријател по првите обвинувања за педофилија.

Во првото интервју по објавата на скандалот, Ендру изјавува дека жали за тоа што останал пријател со милијардерот откако тој бил прогласен за виновен за сексуални прекршоци:

„Останав со него и тоа... тоа... тоа е делот... што кој не можам да си го објаснам бидејќи тоа не беше нешто кое доликува на член на кралското семејство, и додека се обидуваме да го одржиме највисоките стандарди и однесување, јас сите ги разочарав.“

Инаку Ендру не жали што бил пријател со Епстин затоа што - запознал многу луѓе и му се отвориле многу можности кои биле многу корисни.

Интервјуто за Би-би-си е прво проговорување во јавност на Ендру околу скандалот, договарано е повеќе од 6 месеци, а според новинарката која го води разговорот, ниту соговорникот, ниту претпоставените не и забраниле поставување на кое било прашање.

Што се однесува на интимните средби со (тогаш малолетната) Вирџинија Гуфре, под покровителство на Епстин, ставот на британскиот принц е дека „нема сеќавање“ дека некогаш се сретнал со девојката. И тој останува на овој став и покрај сликите што излегоа во јавност од нив двајца и сведоштвата од Гуфре пред суд. Според Гуфре, таа 3 пати имала секс со Ендру, од кои во една прилика со приватниот авион на Епстин на 17 години била однесена во Лондон каде се „сретнала“ со принцот Ендру во една од куќите на соработничката на Епстин.

19 ноември 2019 - 10:01