Револуција? Која револуција?

Големиот, вековен јубилеј од револуционерните настани Русија нема официјално да го слави затоа што и 100 години подоцна, руското општество е длабоко поделено што тоа се случи во таа 1917-та година. А и Путин нема херој од тоа време со кој би сакал да се поистовети.  

Недела, 12 март, денот кој официјално се смета за ден на востанието не е државен празник и ќе нема помпи и паради какви што гледавме за Денот на победата над фашизмот.

Кремљ не сака да се впушта во длабокиот јаз околу револуцијата, настан од епохални размери кој го смени и профилот на земјата и на глобалните меѓународни односи. 

Њујорк тајмс пакосно додава и дека на Путин најверојатно му е непријатна помислата на каква било револуција, бидејќи револуциите се сведуваат на тоа луѓе да играат по улици откако собориле некој голем владетел.

Да потсетиме, она што денес се помни како големиот настан од 1917 всушност се два настани. Во февруари (по новиот календар паѓа во март) се соборува царистичкиот систем, паѓа Николај Втори и доаѓа провизорна влада со намера да спроведува реформи а осум месеци подоцна Ленин и неговите болшевици прават фасцинантен државен удар и комунистите се устоличуваат на власт.

Од тој лидерски кастинг Путин не сака со никого да се идентификува: ниту со паднатиот цар, ниту со слабиот и колеблив Керенски ниту пак со Ленин, кој меѓу другото, ја пеплоса православната црква која денес е еден од главните столбови на актуелниот систем.

Октомвриската револуција во себе носеше силен идеал за социјална правда и еднаквост меѓу луѓето, но нејзината реализација, како што е со сите револуционерни рожби, имаше голема цена. Патем, оние страшни руски гулази почна да ги отвора самиот Ленин, подоцна Сталин само им ги прошири „сместувачките капацитети“.

Оттука, амбивалентноста на Русите кон тој пресврт ќе потрае уште долго: за едни тоа ќе биде настан со кој Русија доброволно се исклучила од нормалниот свет а по други, почеток на период кој за многумина беше најубавиот дел од нивните животи.

 

10 март 2017 - 15:00