Попрво ќе умрам стоејќи отколку да живеам на колена

47-годишниот Стефан Шарбоне, главен уредник на Шарли Ебдо и карикатурист професионално познат како Шарб, беше еден од 12-те убиени во вчерашниот напад на неговиот весник во Париз. Тој беше и клучен во серијата кампањи на магазинот кои ја поделија француската јавност околу тоа дали станува збор за слободен говор или за непотребна провокација.

Шарбоне беше одговорен во времето на печатењето на изданието од 2011-та, кога "гостин уредник" на весникот беше пророкот Мухамед. Последица на ова беше опожарувањето на канцелариите на весникот.

Во 2012-та Шарбоне се спротивстави на советот од француската влада и ги објави карикатурите на Мухамед, кој беше прикажан гол и во различни сексуални пози. (Цртежи од пророкот се забранети со муслиманските закони.) Еден од луѓето убиени во средата беше полицаец кој требаше да ги штити канцелариите на весникот по овие инциденти.

"Дали навистина е паметно и интелигентно да се дотура бензин на огнот?" праша тогашниот министер за надворешни работи, Лоран Фабиус, додека издаваше наредба да се затворат француските амбасади, културни центри и училишта во 20 држави.

Според оние кои го знаеа и го следеа неговото дело во магазинот, Шарбоне не гледал така на работите. Според Даниел Леконте, човекот кој прави документарец за магазинот, за Шарбоне ова е прашање на слобода на човек да мисли и говори како што сака.

"Тие се толку пријателски настроени и забавни. Тие воопшто не се индоктринирани. Тие ја сакаа слободата и граѓанските слободи. Стварно не ми е јасно какви луѓе би сакале да ги убијат нив," изјавува Леконте, опишувајќи го тимот на Шарбоне.

Заради тоа што беше на листата на мети на ал Каеда, Шарбоне имаше полициска заштита. Тој за Ле Монд изјави дека како човек не се плаши од одмазда, и дека без разлика колку препотентно звучи, тој попрво "би умрел стоејќи отколку да живее на колена."

Кога во 2012-та, тогашниот француски премиер најави дека ќе ги блокира протестите најавени од муслиманите, Шарбоне се спротивстави и на тоа, "Зошто би им забраниле на овие луѓе да се изразат себе си? Ние имаме право да се изразуваме, и тие имаат право да се изразат."

Во интервју за ал Џезира, Шарбоне објаснува дека работи во Шарли Ебдо повеќе од 20 години, и дека цело тоа време весникот е провокативен на повеќе теми, "само што се случува дека секој пат кога се справуваме со радикален Ислам да имаме проблем, и да добиваме огорчени или насилни реакции."

"Неодамнешна карикатура од г-дин Шарбоне, во средата објавена на социјалните медиуми, се покажа како непријатно пророчка. На сликата е несреќен маж, облечен во стилот на муслиманските екстремисти, а под него е напишано 'Се уште нема напади во Франција.' Екстремистот коментира дека има рок до крајот на јануари за да ги каже своите новогодишни желби," пишува Рави Сомаја, во текстот за Шарбоне во Њујорк Тајмс.

Меѓу убиените во средата се и двајца од основачите карикатуристи на весникот, 76-годишниот Жан Шабо, и 80-годишниот Жорж Волински. Исто така убиен е и Бернар Верлак.

45-години стариот весник е создаден откако во 70-те пропадна весникот Хара-Кири, заради критиките за исмејувањето на смртта на Шарл де Гол. Меѓу вработените на Хара-Кири се Шабо и Волински. Тие двајца со уште неколку колеги го започнуваат Шарли Ебдо - Чарли неделно - како референца на тоа што ги реобјавуваат стриповите со Чарли Браун.

Со тираж од околу 30.000 примероци, Шарли Ебдо предизвика глобална контроверза и го навлече гневот на дел од муслиманите кога во 2006-та, ги реобјави карикатурите од пророкот Мухамед објавени во данскиот весник Јуландс-Постен.

По нападите во 2011-та (заради друго објавување на слика од пророкот Мухамед), Шарбоне изјави дека е загрижен за иднината на весникот, "ама беше истраен и продолжи да предизвикува контроверзии."

"Тој навистина веруваше дека ова се глупи луѓе," објаснува Леконте.

извор Њујорк Тајмс

8 јануари 2015 - 14:23