Не е НАТО сè што сјае

Членките не уплаќаат членарина, Турција купува руски С-400 а некои овдешни будалетинки ја убедуваат својата лумпен публика дека ние сме биле главна ѕвезда на самиот на НАТО. Тејк ит изи.

Стабилноста во Сирија и Ирак, борбата против тероризмот и одлуката на Турција да го набави фамозниот руски анти-ракетен одбранбен систем С-400 ќе бидат некои од главните точки на самитот на НАТО кој се одржува во Брисел.

Доаѓајќи на самитот Трамп потсети на уште една тема која тој не планира во недоглед да ја одложува - кој колку плаќа за заедничкиот одбранбен систем. САД одвојуваат 4% а голем број земји членки не се ни блиску до само-наметнатиот таргет од 2%.

Ваквата финансиска дисциплина која реши да ја форсира Трамп му набави сојузници и на домашен терен, како што е сенаторот Ренд Пол кој се пофали дека блокирал резолуција за проширување на НАТО поради нелогичноста Алијансата да се проширува во услови кога не се плаќа доволно и за сегашната.

За превентивно да одбие нов бран напади врз себе за шурување со Путин, Доналд Трумп нафрли дека заложник на Русија всушност е Германија која со несоодветните енергетски договори ѝ дала на Москва огромно влијание врз најголемата европска економија.  

Во моментов, еден од најголемите предизвици е Анкара и нејзината одлука да го купи рускиот одбранбен систем кој е некомпатибилен со конфигурацијата на Алијансата. Американската амбасадорка во НАТО проценува дека тоа ќе биде голем удар врз сојузниците.

Ваквиот руски излет Анкара планира да го компензира со гест на лојалност кон НАТО нудејќи му свој човек за шеф на силите за брза интервенција кои се во формирање.

Инаку, само седум од 27-те членки на НАТО се на пат да ја исполнат договорената цел за издвојување на 2% од националниот БДП за воени цели: Британија, Грција, Латвија, Естонија, Полска, Литванија и Романија. Доколку Македoнија некогаш влезе таму, за војска ќе треба да одвојува повеќе од двојно отколку што одвојува сега, што логично ќе значи помалку пари за здравство, социјала и другитe државни сервиси. Но, некои македонски мирољупци отсекогаш се палеле на оружје (памтите како се ложеа на тенковите од воениот удар во земјата членка на НАТО - Турција?).

На врелите воени писти маршираат македонските пацифисти.

 

 

11 јули 2018 - 10:16