На младите Ирачани им прекипе од „Ако не па Садам да го вратиме“

На младите кои пораснаа во Ирак после падот на Садам им е доста од немаштија, корупција и нефункционална држава. На масовни демонстрации бараат промена, макар тоа да е и воена диктатура.

Багдад го започна октомври со илјадници млади демонстранти на улиците но и со брутален одговор од властите кој ги запрепасти и бунџиите со многу подолг стаж. Органите на редот безмилосно запукаа и убија преку 100 луѓе, интернетот е секнат, воведен е полициски час, од зградите демнат снајперисти. 

Протестите започнаа главно со економски мотиви но барањата природно еволуираа а слоганите сведочат дека се сака радикална промена: „Немаме татковина,“ „Сакаме држава“ и слично. Протестите се сомничави кон целокупната политичко-верска елита во земјата а на тапет е општата корупција, немањето основни сервиси кои треба да ги обезбеди државата, отсуството на базична здравствена и образовна структура.

На луѓето им е преку глава од целиот естаблишмент како и од таканаречениот мухасаса систем кој беше воспоставен по доаѓањето на Американците, систем кој го сведува политичкото претставување на секташки, верски и етнички идентитети. Се бара демисија на целата корумпирана елита и функционирање на држава која поферски ќе го распредели нафтеното богатство на земјата. Притоа, протестантите имаат и патриотски барања и се противат на какво било мешање на странскиот фактор во нивната побуна за која се надеваат дека ќе прерасне во револуција.

За западните медиуми велат дека толку им е доста од Зелената зона (заштитено подрачје околу ирачкиот парламент кој како тешко вооружена фортификација го создадоа Американците после нивната окупација на земјата), што се подготвени на сè, дури и на тоа пак да имаат воена диктатура.

„Сите корумпирани се во Зелената зона. Парламентарци, министри, премиер, сите. Сакаме да ги собориме корумпираните и да создадеме нов вид на власт, без разлика дали е претседателски или диктаторски,“ велат очајни демонстранти.

Главно се работи за луѓе од 13 до 30 години, лица чии животи се минати под корупцијата и неспособноста на американски одобрените влади на пост-Садамовата ера.

15 октомври 2019 - 13:09