Меѓународен Монетарен Феил

Некогашниот главен економист на ММФ, Индиецот Рагурам Раџан, предупредува дека капитализмот се наоѓа под сериозна закана. Главната причина за тоа ја гледа во тоа што капитализмот престана да обезбедува животни шанси за масите. А кога е така, масите се креваат против капитализмот.  

„Владите веќе не можат да си дозволат да ги игнорираат економските нееднаквости“ порачува Раџан кој освен врвната позиција во ММФ, беше и гувернер на централната банка на Индија а се спомнува и како сериозен кандидат за прв човек на Банката на Англија.

„Мислам дека капитализмот е под сериозна закана бидејќи престана да ги опслужува масите а во такви услови, тие се креваат против системот“, изјави Раџан за Радио 4 на Би Би Си.

Според него, некогаш можеше да се задржи работно место резервирано за средната класа со скромно образование. Ситуацијата е променета после финансиската криза од 2008-ма и мерките за штедење кои потоа се преземаа.

„За денес да успееш, неопходно ти е навистина силно образование. За жал, токму оние заедници кои најмногу беа погодени од глобализацијата се заедници кои имаат училишта кои се распаѓаат, растечки криминал, социјални проблеми и не се во состојба да ги подготват своите членови за глобалната економија,“ вели Раџан кој апелира државите да работат на обезбедување еднакви можности за своите граѓани, бидејќи во спротивно, шансата ќе ја искористат авторитарни режими.

Аналитичарите предвидуваат дека кај и да е, треба да се очекува нов колапс на кредитниот систем бидејќи од 2008-ма до сега, долгот на владите е качен за 77% а корпоративниот долг бележи пораст од 51%. Само што овој колапс веројатно немал да биде толку страшен како последниот.

13 март 2019 - 11:44