Историска иронија

Маркс стана капиталистичка сопственост

Историјата се повторува, напиша Маркс, прв пат како трагедија, втор пат како фарса. Свеж доказ за оваа тажна вистина е следнава: Марксистичката интернет архива ги брише сите текстови на својот сајт кои се преземени од 50-томните собрани дела на Маркс на британскиот издавач Lawrence&Wishart.

Овој издавач тврди дека ги поседува правата за објавување на споменатите текстови на Маркс и на хартија и во електронска форма. Целиот случај и не би бил толку необичен да се работи за друг автор, но кога е во прашање Маркс неговите ставови за споделување на сопственоста на начин кој би им бил корисен на сите, а се однесува и на интелектуалната сопственост, ја прави целата работа не само чудна, туку и крајно иронична.

И тоа не е сè што се однесува до иронијата - споменатиот издавач настанал со спојување на издавачкото крило на Комунистичката партија на Велика Британија, и уште една радикално ориентирана издавачка куќа. Во текот на годините така формираните Лоренс и Вишарт добивале финансиска поддршка од Советскиот Сојуз, а со руски пари се објавени и споменатите собрани дела.

Марксистичката интернет архива  сега ги избриша текстовите, но не пропушти од овој апсурд да направи театар, најавувајќи дека ќе ги отстрани материјалите до 1. мај, попознат како Меѓународен ден на трудот.

Што пропуштиле да разберат од Лоренс и Вишарт во врска со преземањето на средствата за производство од страна на пролетаријатот? Можеби треба да си ги земат собраните дела на Маркс, до кои ете толку држат, и да си ги го прочитаат воведот на првата страница од првиот том:

„Како убедени материјалисти и комунисти, Маркс и Енгелс одлучиле да соработуваат во разработувањето на основите на еден нов револуционерен поредок. Од тоа време нивните заеднички напори биле посветени на тоа работничкото движење да се поткова со научна идеологија и со политичка организација неопходна за реализација на она што е негова историска мисија - отфрлање на моќта на буржоазијата и создавање на комунизмот".

Сега, кога со бришењето на архивата има еден начин помалу за „опремување со научна идеологија" на подјармените, а капитализмот со тоа задава еден од неговите најиронични удари, останува уште да ја распалиме скарата, и само усно да си кажуваме делови од „Манифестот на комунистичката партија" или од „Капиталот".

Дур не почнале да бараат авторски права и за орално цитирање.