Макрон го рехабилитира Петен?

Што прави земја со некој кој бил херој во една а предавник во друга војна? За да ги скратат дилемите, Французите го осудија на смрт маршалот Петен, човекот на кој му беше дадено да води една марионетска влада за да има примирје со тогаш најмоќната сила во Европа. Примирје во кое му окупираа пола земја, сосе Париз.

За време на комеморација на жртвите од Првата светска војна, францускиот претседател реши да ја отвори (заевски: прошири) Пандорината кутија оддавајќи му признание на еден од подоцна посрамотените херои на таа војна, Филип Петен.

Макрон го опиша маршалот како „голем војник“ кој подоцна направил „катастрофални проценки“ а ваквата изјава повлече лавина реакции од француски политичари и претставници на еврејската заедница.

„Имаме целосно право да им оддадеме признание на маршалите кои ја водеа Франција до победа (во Првата светска војна)“, изјави Макрон реферирајќи на улогата на Петен во одбраната на Вердун, најголемата и најдолга битка во Првата светска војна.

Подоцна Макрон објасни дека не планирал да простува ничии грешки но дека не може лица да бидат бришани од историјата.

„Макрон, сега навистина ја претера!“ изјави лидерот на левицата Жан Лук Меленшо. „Историјата на Франција не е твој играчка!“

Слично реагираа и претставници на еврејската заедница споделувајќи дека се шокирани од ваквиот однос кон човекот кој помогна илјадници Евреи да бидат однесени во конц логори. „Единственото нешто кое ќе го памтиме од Петен е дека неговата земја и народ во 1945 година го осудија за предавство на националното достоинство“, рече претставник на еврејските групации во Франција. 

Филип Петен е роден во 1856 година и на француската армија ѝ се придружува на 20 годишна возраст. Се смета за еден од клучните луѓе кои ја враќаат француската самодоверба и армискиот морал по одбраната на Вердун. Во 1918 година е унапреден во маршал. 

Во 1940 година, кога Франција е нападната од Германија, Петен е именуван за вице-премиер. Подоцна се залага за примирје со окупаторот за време на кое станува шеф на државата со речиси неограничени овластувања. Примирјето им дава шанса на Германците да ја освојат цела западна и северна Франција, вклучувајќи го Париз. Истовремено, Петен и неговата марионетска влада од Виши глумат деја тие ја водат земјата. Формално се прогласуваат за неутрални иако тесно соработуваат со Нацистите па носат и свои анти-семитски закони.

После Втората светска војна, Петен е уапсен и осуден на смрт за велепредавство. Поради неговата возраст, егзекуцијата е заменета со доживотен затвор и тој умира во 1951 година на 98 годишна возраст.

8 ноември 2018 - 11:13