Испадна дека пиеле нафта кога ги „ослободуваа“

Либија некогаш копаше нафта, денеска бунари за вода

Некогаш беа најбогати луѓе во Африка и имаа бесплатно здравство и школство. Не само што немаа долгови кон странство, туку со стотици милијарди инвестираа и во западниот свет. Денеска жителите на главниот град на Либија ги кршат тротоарите за да бушат бунари и да дојдат до вода.

Во Триполи масовно се кршат тротоари и се копаат бунари за да се дојде до вода која со денови ја нема во нивниот водовод. Прекинот првично бил направен заради некакви санации а подоцна една милитантна група извршила саботажа на градскиот водовод за да издејствува ослободување на нивниот лидер кој бил заробен од друга ривалска група. 

Киднапирањата заради откуп се секојдневна појава на улиците на Триполи иако во другите места ситуацијата е уште похаотична па градот постојано расте од луѓето кои бегаат од внатрешноста на земјата.

Првиот човек на градскиот водовод вели дека немаат примено буџетски пари за поправки уште од 2011 година. Запуштена е и електричната инсталација па водата од бунарите се испумпува со нафтени генератори.

Либија во 2011 беше мета на НАТО напад кој се нарекуваше хуманитарна интервенција. Беше предвидено да трае неколку недели но се претвори во 7 месечно тешко бомбардирање пред да се скрши отпорот на силите на Гадафи а тој да биде убиен на улица како животно.

Во колонијалното време на Либија, под формално водство на кралот Идриз во 50-тите години, земјата беше една од најсиромашните држави во светот со мизерен стандард на живеење. Подоцна, на почетокот на 80-тите започнаа неколкудецениските санкции од САД и ОН кои систематски ја поткопуваа економијата на Либија. Па сепак, Моамер Гадафи во меѓувреме успеа да направи чудо со животот на граѓаните. Игнорирајќи ги моделите на Светската банка и ММФ кои неразвиениот свет го држеа во постојано инфериорна позиција, тој успеа неколкукратно да го зголеми стандардот на живеењето.

Либијците под негово водство имаа бесплатно здравство и бесплатно образование а жените неспоредливо подобар третман во споредба со останатиот арапски свет. Гадафи не само што дебело инвестираше во други држави во Африка надевајќи се дека континентот еден ден ќе се еманципира од помошта од страна туку инвестираше и во западни земји.

Со почетокот на хуманитарната интервенција, на Либија во странство ѝ беше замрзнат имот вреден преку 150 милијарди долари. Земјите од НАТО кои ја бомбардираа ѝдржеа околу 100 милијарди долари. А потоа, преку ММФ и Светската банка им дадоа кредит од 35 милијарди долари, „под поволни услови“.

28 октомври 2017 - 17:45