Како прв човек на Интерпол завршува во затвор?

Кога ќе чуеш дека главниот на Интерпол, организацијата задолжена за пронаоѓање луѓе, исчезнал и со денови никаде го нема прво ти доаѓа да провериш веста да не е кромид. Потоа следува соопштение од кинеските власи па работите почнуваат да се разбиструваат.

На 7-ми октомври кинеските власти објавија дека претседателот на Интерпол, Менг Хонгвеи, е приведен и е под истрага „заради сомнежи за прекршување на законот“. Еден ден подоцна министерство за јавна безбедност (МВР) објави дека Менг бил вмешан во поткуп и дека истрагата била неопходна за „целосно да се расчисти затруениот извор на влијание купен од Жу Јонгканг,“ повеќегодишниот претпоставен на Менг. Јонгканг е поранешен министер на истото ова министерство, и е еден од највисоките кинески функционери кои беа уапсени во кампањата на Ши Џинпинг за борба против корупцијата (на министерот му беа запленети 14,5 милијарди долари).

Менг од 2004 е заменик министер за јавна безбедност. Истата година тој станува и прв човек на Интерпол Кина, плус има позиција на прв човек на Националната канцеларија за анти-тероризам.

Во 2012, Ши Џинпинг станува генерален секретар на кинеската комунистичка партија и претседател на Кина, а дотогашниот министер за јавна безбедност, Жу, си поднесува оставка и се повлекува од јавниот живот. Во 2014 властите потврдуваат дека Жу е под истрага за корупција, а веќе во 2015 добива доживотна казна затвор. Следната година во затвор завршуваат и сопругата и синот на Жу.

Сето ова време и покрај стажот на работа под Жу, Менг останува недопрен од истрагата.

Во 2016 Менг е избран за претседател на Интерпол и тоа за 4-годишен мандат. Во исто време Кина ја објавува листата на 100 најбарани функционери кои се избегани од земјата.

Иако апсењето на Менг доаѓа нагло, на тоа му претходат ишарети од кинеските власти како негово менување од раководната позиција на неколку организации што се под министерството за јавна безбедност во декември 2017, а во април годинава е исклучен од комисијата на Комунистичката партија задолжена за надзор на министерството за јавна безбедност.

На 23-ти август Менг последен пат е виден во јавност и тоа во Сингапур каде се среќава со тамошни високи функционери.

Еден месец подоцна, на 25-ти септември, Грејс Менг, добива порака од својот сопруг во која пишува „чекај да ти се јавам“, по што тој и испраќа уште една порака во која има само емоџи од нож. Во тоа време Менг веќе е заминат на пат во Кина. По ова таа губи секаков контакт со сопругот, за дури на 4-ти октомври да пријави во полицијата во Лион дека 10 дена нема никаков траг од него.

На 6-ти октомври генералниот секретар на Интерпол бара објаснување од кинеските власти каде се наоѓа Менг. Следниот ден тие објавуваат дека тој е приведен, а во исто време Менг поднесува оставка на својата позиција во Интерпол.

На 8-ми октомври, кинеските медиуми пренесуваат изјава од министерството во која меѓу другото за притворот на Менг пишува:

„Истрагата за корупција и прекршување на законот од страна на Менг беше многу навремена, комплетно коректна и мудра. Таа целосно ја демонстрира јасната намера на Централниот комитет на партијата и другарот Ши Џинпинг за строго управување со партијата и спроведување на анти-корупциската борба. Таа одлучно демонстрира дека пред законот нема привилегии и исклучоци. Секој што ќе го прекрши законот мора да биде сурово казнет. Ние мора одлучно да го спроведуваме законот, имајќи на ум дека црвената линија на законот не може да биде пречекорена... Неопходно е правниот систем да биде претворен во ограда под висок напон.“

9 октомври 2018 - 16:02