Израел го издаде Сорос

Виктор Орбан ја продолжува војната со Сорос ставајќи го на билборди. Израелскиот амбасадор во Унгарја им вика дека тоа не е убаво. Но, неговите шефови од министерството за надворешни работи, на Унгарците им викаат: Слободно терајте си вие со Сорос.

Во најновата епизода од војната меѓу десничарскиот унгарски премиер и милијардерот со еврејско потекло, Виктор Орбан по Унгарија залепи билборди со фотографија од насмеаниот Сорос и порака „Не дозволувајте неговиот збор да биде последен“.

Одредени политички кругови ваквите билборди веднаш ги прочитаа како анти-семитски бидејќи потсетуваат на „насмеаниот Евреин“, мотив кој своевремено беше користен од нацистичката пропаганда.

Меѓу нив и израелскиот амбасадор во Унгарија кој побара од домаќините да ги отстранат ваквите фотографии. Но, неговите напори бргу беа поткопани од самото министерство за надворешни работи на Израел:

„Израел го осудува секој анти-семитизам во која било земја.... но, во никој случај, изјавата на нашиот амбасадор нема намера да го делегитимира критикувањето на Сорос“, порачаа од изралеското МНР.

Израелската опозиција смета дека зад ваквото соопштение стои лично Бенјамин Нетанјаху кому за грев кон националната кауза му се памти и тврдењето дека Хитлер се решил на масовна егзекуција на Евреите дури по средбата со тогашниот арапско- палестински лидер, Муфтијата ал Хусеини.

Владата на Нетанјаху и Сорос одамна не се мирисаат. Првите го обвинуваат милијардерот дека континуирано работи на поткопување на демократски избраните влади а Сорос верува дека израелската надворешна политика е еден од виновниците за растечкиот анти-семитизам во светот.

14 јули 2017 - 07:45