Херојот кој го сопре убиецот од лондонскиот мост е - убиец

Еден од минувачите кој беше прогласен за херој бидејќи храбро му се спротивстави на разулавениот убиец на Лондонскиот мост и самиот е осуден убиец. Пред 15 години има заклано девојка.

42 годишниот Џемс Форд беше еден од ретките граѓани кои собраа храброст и помогнаа да се спречи понатамошното дивеење на Усман Кан откако тој уби две лица по што беше соборен и подоцна застрелан и убиен од полицијата.

Истиот Џемс Форд е осуден на 15 годишен затвор поради бесмислено убиство на една 21 годишна девојка во 2003 година. Нејзиното тело е најдено неколку недели после исчезнувањето во состојба на распаѓање откако Форд ја задавил и ѝ го пресекол вратот. Потоа самиот се пријавил и го признал делото. Мотивот на убиството на младата Аманда Чемпион, девојка која имала проблеми со учењето што ја држело во ментална состојба на тинејџерка, и денес е нејасен. Нејзината тетка не е одушевена што убиецот на нејзината внука во јавноста се доживува како херој.

„Не ми е гајле што направил, тој човек е убиец. Аманда ми беше внука, беше ранлива а тој ѝ го одзеде животот. Знаеше што прави. Луѓето не се менуваат,“  ги пренесува Хафингтон нејзините зборови.

Пред да започне петочниот инцидент, Форд, кој ги отслужува последните денови од неговата казна, се наоѓал на рехабилитациска конференција организирана од Универзитетот Кембриџ. Кога Кан, кој присуствувал на истата конференција, почнал да боде цивили продолжувајќи кон Лондонскиот мост, Форд бил еден од малкутемина кои потрчале по него.

Еден го испрска 28 годишниот Кан со противпожарен апарат, друг (готвач од Полска) зема стап а Форд бил оној кој го соборил на земја по што полицијата го застрела човекот кој бил предвреме пуштен од отслужување на казната за учество во терористичка завера за дигање во воздух на Лондонската берза.

 

2 декември 2019 - 22:01