Град во Финска воведува „полициски час“ за млади

На сајтов скандинавските земји обично се наведуваат како позитивен пример, за екологија, безбеден сообраќај, квалитетно образование. Оваа вест само на прв поглед изгледа обратно.

Лаитила во југо-западна Финска неодамна издаде препорака за забрана за движење на деца од школска возраст низ градот. Градскиот совет вели дека за ова добил широка поддршка од сите осум илјади граѓани колку што живеат во местото.

Станува збор за иницијатива според која деца на возраст од 7-13 години треба да се прибрани дома до 19.30 часот во текот на школската недела, додека малку постарите ученици можат да останат до 21 часот. За време на викенд првата група може да шета низ град до 20.30, а втората до 23 часот. Вкупниот број на деца и младинци во градот изнесува 900.

„Полицискиот час“ оттаму е неформален и зависи од соработката на родителите (и оговарањето на комшиите). Надлежниот за образование во советот изјавил дека главната цел е да се укаже на позитивните придобивки од вечерното собирање околу домашната софра и пораното легнување.

Слична иницијатива имаше во 1997 во Исланд, промовирана како средство за драстично намалување на алкохолизмот и користењето дроги помеѓу младите од оваа земја. На почетокот на 2000-тите еден друг фински град, Ламми, се обиде да воведе слична забрана, но без успех. Младите се повикале на своите законски и човечки права, или едноставно го кренале средниот прст.

9 јануари 2019 - 12:48