Европа пошашавена од горештини

Холандија, Германија и Белгија го живеат најтоплото лето во својата историја, а во Британија веќе се разгледуваат опции топлотните бранови да добиваат имиња, како што е пракса за големите урагани и невремиња.

Рекордите за кои што збори Европа се:

- Холандија, во близина на градот Бреда, 39,2 степени Целзиусови (претходниот рекорд е од август 1944 кога се измерени 38,6 степени).

- Белгија, во близина на градот Пер, 39,9 степени Целзиусови (претходниот рекорд е од јуни 1947 кога се измерени 38,8 степени Целзиусови).

- Германија, градот Гејленкирхен, 40,5 степени Целзиусови. Ова треба допрва дефинитивно да се потврди како највисока температура.

Ваквите ужаси наскоро се предвидува да ги зафатат и градовите Амстердам и Брисел, чии топлотни рекорди се очекува дека летово ќе паднат.

Температурите беа проследени со соодветни мерки од надлежните кои во основа на цела или делови од територијата прогласија портокалова тревога (Холандија), или црвена тревога (Белгија, Франција, Шпанија). Франција меѓу другото воведе и рестрикција на вода во најголемиот дел од земјата, а по тој повод и една нуклеарна електрана во земјата реши да изгаси два реактори за да го ограничи загревањето на водата.  И италијанските власти излегоа со мерки кои треба да им помогнат на граѓаните да ги олеснат горештините меѓу кои да не се излегува до 18 часот, лесно да се облекуваш и да се јадат 4 до 5 лесни оброци на ден (клучен збор – лесни).

По сето ова Гардијан на стандардно искулираниот дел од европската популација му објаснува дека горештините се должат на: „Ефектот на урбан топлински остров, во кој бетонските згради и асфалтираните улици ја апсорбираат топлината во текот на денот и повторно ја емитуваат навечер, со тоа спречувајќи го ладењето на градот“, или на кратко - Скопје во секое можно лето.

Рекордни температура летово се регистрирани и во Чешка, Словачка, Австрија, Андора, Луксембург и Полска.

Инаку, една од најпотресните приказни доаѓа од Британија, каде се очекува дека деновиве може да падне рекордот за највисока температура во земјата кој моментално изнесува неверојатни 38,5 степени Целзиусови. (На страна метео локал национализмот, ова е прилично висока температура за земја каде летниот просек стандардно е нешто над 20 степени). Паралелно со ова од Лондонската школа на економија препорачуваат хидрометеоролошкиот завод на земјата да почне да ги именува топлинските бранови што ја зафаќаат Британија на ист начин како што тоа се прави за невремињата.

26 јули 2019 - 09:48