ЕУ треба да одговара пред Хаг за загинатите мигранти

Илјадниците мигранти кои загинаа во Медитеранот се жртви на политиките на Европската Унијата, тврди група адвокати кои бараат Меѓународниот кривичен суд да започне истрага против Унијата за злосторства против човештвото.

МКС веќе работи на собирање докази за злосторства над бегалците во Либија, меѓутоа адвокатите бараат проширување на истрагата на оваа страна од Медитеранот.

Во документот од 243 страници, адвокатите наведуваат неколку постапки на ЕУ за одвраќање на мигрантите кои според нив ги прекршуваат човековите права. Меѓу наведените се:

- Почетокот на операцијата Тритон во Медитеранот во 2014, која го намали бројот на спасувачки акции и создаде големи зони во близина на брегот на Либија во кој немаше никакви спасувачки капацитети.

- Прогон на невладини организации кои работеа на спасување на бегалците.

- Изјави на Меркел, Макрон и други лидери кои покажуваат дека ЕУ лидерите биле свесни за ризиците.

- Одлуката за враќање на околу 40.000 мигранти во Либија во кампови контролирани од тамошни милиции, „каде се извршени ужасни злосторства“.

- Финансирање и обука на крајбрежната стража на Либија, и давање конкретни податоци за локацијата на бегалските бродови со цел да се осигури дека либиските сили ќе соберат што е можно повеќе мигранти.

Луѓето зад иницијативата тврдат дека поднесениот документ „не му остава можност на МКС да не започне постапка против ЕУ.“

„Европските функционери се преправаа дека ова е трагедија околу која ништо не може да се преземе и дека тие немале никаква улога во сето тоа.

Ние многу внимателно покажавме дека, напротив, тие ја започнаа ова тнр. трагедија,“ изјавува еден од ко-авторите на документот, Хуан Бранко, адвокат кој порано работел во МКС.

7 јуни 2019 - 12:45