Ердоган ќе ја спасува лирата со Алах

Зборувајќи за падот на вредноста на лирата во однос на доларот, околу 10% во изминатите 5 дена, Ердоган се повика за финансиска стратегија која ама еднаш на никого никаде му нема помогнато: „ако тие го имаат нивниот долар, ние го имаме нашиот народ, нашата правда и нашиот Алах.“

Ердоган моментално е на турнеја на благодарност низ неколку турски провинции кои имаа рекордна излезност и гласови во негова корист на изборите на 24 јуни.

Меѓу пораките испратени до насобраните граѓани, има охрабрувања од типот „нека ви биде јасно дека денес е подобро од вчера, а утре ќе биде подобро од денес.“

Во однос на економските проблеми и новонастанатата нестабилноста на економијата, пораката на турскиот претседател е да не се обрнува внимание на најразлични кампањи што се водат, по што следува охрабрувањето од воведот:

„Не заборавајте дека ако тие го имаат нивниот долар, ние го имаме нашиот народ, нашата правда и нашиот Алах.

Ние работевме напорно и работиме напорно. Каде бевме пред 16 години а каде сме сега? Ќе бидеме и подобри. Ви посакувам трпение и труд. Ние ќе работиме и на големо ќе се посветиме себе си и во 2023 ќе влеземе на поинаков начин.“

10 август 2018 - 15:00