Џон Стујарт и перверзијата на американското сочувство

Државата која тргна во војни преку пола планета заради двете урнати кули во Њујорк и потроши неброени пари и луѓе на овие војни, и понатаму одбива да го плати лекувањето на полицијата, пожарникарите и лекарите што на 11-ти септември 2001 први се одзваа да им помогнат на повредените во Светскиот трговски центар.

Од 2.977 жртви убиени во нападите на 11 септември, 412 беа припадници на итните служби кои први пристигнале на местото на несреќата. Останатите припадници на итните служби кои ги преживуваат денот, завршуваат со најужасни хронични болести како најразлични форми на рак, проблеми со дишење и слично. Зградите се градени во златното доба на азбестот (крај на 60-ти почеток на 70-ти) и според проектите во нив се вградени околу 400 тони азбест.

Откако се смирува буката околу нападите, Америка веќе е тргната во војна, со тек на време се повеќе луѓе што дента интервенирале почнуваат да се жалат на здравствени проблеми, а дел од нив и умираат. Постепено целиот случај се развива по класично сценарио: прво докторите им кажуваат дека не им е ништо, потоа им кажуваат дека им е нешто, ама не им е од интервенцијата. По многу притисок им признаваат дека е од интервенцијата, ама тоа не е проблем на САД, туку на државата Њујорк. Притоа додека сето ова се развива минува повеќе од една деценија, а уште повеќе припадници на итните служби се разболуваат и умираат како последица на интервенцијата.

Уште пред да си замине од Дејли шоу, Џон Стујарт се залага за правда за овие луѓе, и продолжува да тера со тоа и откако се пензионира.

Неделава Џон Стујарт и преживеаните припадници на итните служби имаа свое излагање пред членовите на Конгресот. Повеќе од половина сала беше празна, иако, како што ќе забележи Стујарт, сите до еден на 11-ти септември твитаа и ќе твитаат да не се заборави 11-ти септември, или храброста и жртвата на овие луѓе.

Дополнување: Еден ден по излагањето на Џон Стујарт предлог законот мина на комисијата за правни работи на Претставничкиот дом на САД, меѓутоа има уште неколку чекори пред да биде изгласан за закон.

12 јуни 2019 - 11:34