Добитна комбинација

Благајничката на главниот град на Канада има овластување без никакво дополнително одобрение да префрли до 25 милиони долари. Она што го нема благајничката е способност да препознае меил измама.

Добра вест е што благајничката не паднала на 25-милионска измама, лошата е што сепак и собрале околу 100.000 долари (американски) од градските пари.

Благајничката Мариан Симулик добива меил од адреса за која мисли дека му припаѓа на друг градски функционер, Стив Канелакос, во кој од нејзе се бара да префрли 98.000 долари за да му плати на еден добавувач на градот. По неколку мејлови преписка, Симулик кон крајот на денот ја уплаќа сумата на сметка во американска банка.

Пет дена подоцна Симулик од истиот меил добива уште една порака во која од нејзе се бара да и префрли уште 150.000 долари на истата компанија за да ја комплетира исплатата.

Единствената причина зошто втората измама е спречена е што во моментот кога го добива мејлот Симулик седи на состанок до Канелакос, и тука го прашува околу исплатата. Кога тој и одговара дека нема поим за што станува збор, на двајцата им светнува дека веројатно во прашање е измама.

Симулик веднаш го пријавува инцидентот, а градскиот ревизор започнува внатрешна истрага, во која заклучува дека Симулик е жртва на „вејлинг“, таргетиран напад на луѓе со пристап до големи суми пари. Ревизијата заклучила дека и претходно до благајната на градот бил испратен сличен меил измама, кој бил фатен дека е лажен но не бил пријавен во ИТ одделот.

Еден од проблемите во работењето на градските власти откриен во ревизијата е што во градската администрација има 5 вработени кои биле овластени да платат до 25 милиони долари без да бараат дополнителна дозвола.

Утехата што Канелакос се обидува да ја даде е дека „вакви напади се случуваат илјадници пати со милијарди долари низ светот и на најсофистицираните корпорации, а нашата благајничка беше една од жртвите.“

10 април 2019 - 14:41