Цунамито за кое на никого око не му трепна

1.700 луѓе се мртви, 70.000 се раселени и живеат со ограничени резерви вода, и покрај тоа веројатно ова е прв пат што слушате за цунамито кое минатата недела ја погоди Индонезија.

И не е само до тоа дека катастрофата е некаде далеку, дека овој пат не е во монденско летувалиште полно со Западњаци или дека имало гужва кај нас во вестите, добар дел отпаѓа и во фабричка грешка на човековата емпатија „луѓето повеќе се вознемируваат околу страдањето на поединци, а помалку околу страдањето на голем број луѓе“, без разлика што математички тоа не би требало да биде така.

Неколку години пред цунамито слично беше и со Алан Курди, 3-годишното бегалче кое се удави обидувајќи се да стигне од Турција до Грција. Трагедијата придружена со фотографијата од неговото безживотно тело беше една до пресвртните точки во бегалската криза и го омекна ставот на милиони Европејци кон бегалците кои чекаа да бидат примени во земјите од ЕУ. Во рок од неколку дена, секако не само заради фотографијата, Меркел одлучи да ги отвори германските граници за бегалците.

„Меѓутоа за неколку седмици на луѓето им пројде еуфоријата, а престана и приливот на пари за бегалците. Анти-миграциските политичари пак добија на популарност низ Европа, а границите повторно се затворија.

Милиони бегалци, меѓу кои десетици илјади деца, продолжија да страдаат. Меѓутоа нивните бројки, за разлика од единечната трагедија, ни најмалку не го потресоа светот.

Иста ваква пристрасност се забележува и во лабораториските експерименти и студии,“ пишува Џамил Заки во текстот за Атлантик.

Феноменот „колапс на сочувството“ има две веројатни, и спротивставени објаснувања. Според првото луѓето не можат да се потресуваат и да се загрижени за страдањата на другите на нивоа соодветни за катастрофи предизвикани од луѓе или природни катастрофи. Заки ова го објаснува со „првите 100 долари што ќе ги заработи сопственик на ресторан вредат колку и илјадитите 100 долари што ќе ги заработи, ама сопственикот се чувствува подобро околу првите.“

„Како што добрите работи се трупаат, така бледее и доброста на секоја една поединечна работа. Истото важи и за страдањето: како што тоа се насобира, мозокот на луѓето се навикнува, и тежината на дополнителната болка бледее,“ објаснува Заки.

Второто објаснување е дека сочувството, а со тоа и неговиот колапс, е избор. Објаснувањето е дека иако дејството во една книга е измислено и во неа не страдаат вистински луѓе, сепак ние ја замислуваме нивната болка и сочувствуваме со нејзините ликови. Слично на ова ние можеме да ја замислиме и болката на жртви на некоја трагедија „ама најчесто не сакаме“.

„Дали колапсот на сочувството е проблем со ’не може’ или ’не сака’? Одговорот е двете. Луѓето поприродно сочувствуваат со видливата срцепарателна трагедија на еден човек отколку со описите на масовните трагедии, а и човековите емоции имаат свои граници. Меѓутоа дури и кога луѓето можат да ги споделат своите сочувства со група која страда, тие најчесто не го прават тоа,“ пишува Заки.

9 октомври 2018 - 12:52