Брунеи бара ЕУ да ги остави на раат да каменуваат гејови

Во серијата средновековни мерки што на почетокот од април властите на Брунеи ги претворија во закон е и казната за геј секс со каменување до смрт. ЕУ има проблем со ова. Брунеи има проблем со тоа што ЕУ има проблем.

Султанот од Брунеи

Во писмо до европскиот парламент Брунеи ја повикуваат ЕУ да практикува „толеранција, почитување и разбирање“ во однос на желбата на кралството да ги зачува традиционалните вредности и семејните линии.

Плус, самите брунејски власти објаснуваат дека ретко, ретко, кога би имало каменување до смрт на гејови, затоа што законот бара за чинот на геј секс да сведочат двајца мажи со „високи морални позиции и побожност“.

„Криминализацијата на прељуба и содомија е со цел да се заштити светоста на семејните линии и бракот на муслиманите, посебно на жените.

Казнените одредби предвидени за прекршоци како кражба, пљачкосување, прељуба и содомија, имаат екстремно високи норми за докази, и бараат не помалку од двајца мажи со висок морален статус и побожност да бидат сведоци,“ се објаснува во писмото до ЕУ парламентот.

Токму делот околу сведоците е клучниот аргумент на кралството дека каменување најверојатно нема да биде видено во земјата. Тие наведуваат дека според нивното право, не само што има високи стандарди за машките сведоци, туку и не се земаат предвид изјавите и признанието на прекршителите бидејќи истите може подоцна да бидат повлечени.

Освен каменувањето, законот предвидува сечење раце на крадците и камшикување на луѓе кои носат облека од спротивниот пол.

Брунејци имаат објаснување и за камшикувањето дека и таму има правила и не е само удри колку ти држи снагата. Според нив, при камшикување осудениот мора да биде облечен и треба да се камшикува со умерена сила, а тој што камшикува кога замавнува не смее да ја крева раката над глава, и притоа не смее да се предизвика кинење на кожата или кршење коски, и ударите не смеат да бидат по лице, глава, стомак, гради или гениталии.

23 април 2019 - 15:09