Зошто во Јапонија нема масовни пукања?

Јапонија има една од најниските светски стапки на злосторства сторени со огнено оружје. Само шест во текот на цела една година, наспроти 33.599 вакви случаи во САД. Во што е тајната?

За да се купи оружје во Јапонија потребно е многу трпение и упорност. Треба да се посетуваат целодневни предавања, да се поминат писмени тестови а практичната обука со стрелање мора да се изведе со барем 95% прецизност.

Се минуваат и тестови за ментално здравје и зависности од наркотици. Досиејата темелно се проверуваат, се испитуваат и врски со екстремни групи. Проверката се проширува и на членови од семејството како и меѓу колегите од работа. Полицијата не само што има дискреционо право да го одбие барањето за дозвола туку може и да ви земе одобреното оружје кога сака. 

И нема пиштоли. Ако сакаш оружје, мора тоа да биде ловечка пушка.

Ограничен е и бројот на продавници за оружје, не повеќе од три во рамките на една (од 40-те) општини. А муниција може да се докупи само ако се вратат чаурите од последната купена муниција.

Локалната полиција мора да биде известена каде точно го чувате оружјето по дома а неопходно е и да се држите до правилото оружјето и муницијата да се чуваат на одвоени места кои се надвор од дофат на деца и се под клуч.

Полицијата минимум еднаш годишно го проверува оружјето а лиценцата за него трае само три години по што мора повторно да се мине низ истата процедура за стекнување дозвола.

Резултат на сета ваква ригорозност е многу ниската вооруженост на населението. На сто лица него го поседуваат само 0,62 лица. Во Англија се шестмина вооружени, во САД дури 88 од 100 имаат огнено оружје.

Сето ова објаснува и зошто таму нема масовни убиства како во САД. Кога некој ќе се реши на такво нешто, за реализација му останува само нож, а тоа не е најефикасно средство меѓу народ кој толку многу полага во учење џудо, карате, кендо и други одбрамбени вештини.