Зошто 35% од Французите не знаат како им се вика премиерот?

Човекот беше назначен на позицијата во мај 2017. Во анкета направена седум месеци подоцна повеќе од една третина од населението не знае да го именува својот премиер. Прашањето што Економист го вади од ваквите резултати е: тогаш што ќе ти е премиер?

Во 1958-ма, кога претходниот парламентарен систем се покажува како нестабилен, Шарл Де Гол воведува нов систем на извршна власт со два лидери: Претседател на републиката, кој се избира на општи избори, и Претседател на Влада кој е назначен од Претседателот на Франција. Работата на првиот се „големите проекти“ и дипломатијата, работата на вториот е дневната политика и секојдневното функционирање на државата.

Моменталниот тандем на овие позиции е Емануел Макрон и Едуар Филип, не баш најфункционалниот пар во историјата на 5-та француска република, ама не и најлошиот. Доаѓаат од различна позадина заради што природно е што не секогаш имаат исто гледање на работите, околу даноци и слични теми.

„Сепак со тек на време претседателот и премиерот најдоа начин како нивната чудна врска да функционира. Кога е во прашање трудовата реформа, на пример, Макрон ги постави општите правила. Филип и неговиот министер за труд потоа го минаа тешкиот пат на преговори и арбитрација, минувајќи го своето лето на околу 100 состаноци со синдикални лидери, пред да го презентираат својот нов закон за работни односи. Кај реформите на образованието Макрон ги дефинираше рамките, оставајќи го Филип и неговиот министер за образование да ги тераат дискусиите со професорите. Според три петтини од Французите извршното дуо го има погодено балансот,“ објаснува Економист.

Како што објаснуваат тамошните експерти, „главната работа на францускиот премиер е да не го засени претседателот“. Од една страна Филип беше очигледно отсутен од потпишувањето на законот за работни односи што тој го избоксува и целото внимание падна на Макрон, од друга страна како „пребегнат“ од својата партија Филип нема парламентарен грб кој би ја поддржал неговата кандидатура за наследник на Макрон, па тој генерално гледа да ја врши функцијата што моментално ја тера, без повисоки амбиции.

Низ годините позицијата премиер само издишува и од 1958 до денес само двајца премиери (Помпиду и Ширак) успеваат да станат претседател на Франција.

Она што според Економист ќе биде тест за нивната врска е проблематичниот закон за имиграција кој неделава беше претставен пред владата:

„Г-дин Филип е на добар пат да сфати дека вистинската функција на францускиот премиер е да дозволи претседателот да ги земе сите признанија кога работите одат добро, и да се справи со проблемите кога работите ќе тргнат на лошо.“

26 февруари 2018 - 14:05