Жириновски против буквата 'ы'

Познатата политичка лудара од Русија, убернационалистот Владимир Жириновски моментално е намерачен да исфрли една буква од руската азбука. Му правела проблеми на син му, а греота е детето.

Јери е кирилична буква која ја има во руското писмо, и е еден од вокалите кој им е најтежок на изговор за оние на кои рускиот не им е мајчин. Политичарот познат по живописните испади на различни теми, сега се намерачил токму на оваа буква, за која вели дека е „грозен увоз од Азија".

Во говор во државната Дума од 12. март, Жириновски изјавил дека 'ы' треба да биде исфрлена од рускиот јазик, бидејќи во него дошла преку Монголите. А тие се, нели, примитивен народ, кој освен по коњите и таму-некој-си Џингис Кан не е познат по ништо друго.

„Само животните го испуштаат овој звук", вели тој, додавајќи дека обичното 'и' си е сосема доволно за руската азбука, а дека буквата и гласот 'ы' не постојат во ниту еден друг европски јазик. „Токму овој звук е причината зошто луѓето не нè сакаат во Европа" е неговата сеопфатна политичко-лингвистичка дијагноза.

А лекот е пет пари, само кој да го знае. Во случајов тој изгледа треба да биде повеќе психијатриски, бидејќи опседнатоста со буквава на Жириновски произлегува од тоа што син му не можел да ја изговори како мал. „Еднаш ми рече, тато, види мишка" (руски за мечка), кога всушност требало да каже мышка - глушец. А глушец мечка ли е?

Ова е само уште една капка во навредливата реторика кон жителите на Азија на Жириновски. Минатиот месец тој предизвика скандал кога предложи петте држави од Централна Азија да си се обединат во Централно-азијски федерален регион и да ѝ припаднат на Русија. Дури го смислил и името на главниот град - Верни (како верни, лојални). Предлогов дошол истовремено со еден друг од истиот автор - луѓето да не се бацуваат во уста, туку само на чело, а ако веќе мораат да го прават тоа, претходно да си ги дезинфицираат устите.

Точно е дека споменатата буква ја има во повеќе јазици сродни на турскиот, кои се зборуваат и во поранешните советски републики. Во казахстанскиот и киргискиот таа може да се сретне и повеќе пати во еден ист збор. А за тоа како таа се изговара во рускиот го најдовме ова клипче, во кое работата е објаснета со неверојатна аналогија.

Го знаете оној звук кога ќе се прободете самите со меч?

Епа така.

13 март 2014 - 09:48