Заговорот за соборување на Тереза Меј и поставување на Борис Џонсон за премиер на Британија

Целата борба се води внатре во Конзервативната партија, каде закоравените евроскептици веруваат дека имаат доволно луѓе на располагање за да ја сменат британската премиерка. Она што ги кочи е што не можат да се договорат за тајминг и за тоа како точно го замислуваат брегзит.

На 6-ти јули Тереза Меј од премиерската резиденција во Чекерс го објави планот за напуштање на ЕУ. Планот не и се допадна на ниту една страна, вклучително и закоравените евроскептици во нејзината партија.

Последнава група, официјално именувана Европската истражувачка група, во чиј состав има и високи функционери на Ториевците, чувствува дека ова се последните моменти за соборување на планот од Чекерс и премиерката, и нивна замена со човек кој ќе испорача вистински брегзит - што за најголемиот дел од нив е Борис Џонсон.

За сега ЕИГ имаат собрано повеќе од 48-те пратеници кои се неопходни за отпочнување на гласање недоверба на премиерката, и тие се закануваат дека ќе ги активираат истите доколку во планот за брегзит не се направи некоја радикална измена. Решителноста на ЕИГ не беше разнишана ниту од неодамнешната вест дека Џонсон се разведува од својата сопруга заради афера со неколку децении помлада соработничка.

Секако и ЕИГ не е незапирлива машинерија, освен безбројните мани што можат да му се најдат на нивниот предлог за премиер, и самиот план за тоа како тие го замислуваат брегзит, според луѓе од партијата, е во хаос. Иако тие имаат доволно луѓе за да започнат процедура за гласање недоверба на премиерката, тие немаат доволно гласови за недовербата да биде изгласана.

Се проценува дека од потребните 159 гласа тие до сега имаат околу 100. Доколку Меј го преживее гласањето недоверба, нејзините противници нема да можат да ја предизвикаат по иста основа најмалку уште една година.

Друга слабост на ЕИГ е и што немаат уште многу време на располагање, а со секој минат ден се зголемува веројатноста Владата да ги убеди и умерените пратеници на Ториевците дека планот од Чекерс е единственото можно решение.

Во исто време во ЕИГ знаат дека нема шанси да се убеди Меј дека треба да биде прифатен поостар брегзит, заради што промената на планот од Чекерс може да се случи само со промена на лидер.

Еден од клучните моменти во целата работа ќе биде годишната конференција на конзервативците закажана за крајот на септември. Таму Џонсон ќе треба да покаже се што знае за да ги придобие умерените ториевци и колку може да го одоброволи оние кои се против неговата амбиција за премиер на Британија.

На терен, во кабинетот на Меј, неуспехот на членовите на ЕИГ да се договорат за сопствен план и килавоста во намерата да се собори премиерката, е една од причините да нема преголема загриженост околу дејствувањето на сопартијците.

14 септември 2018 - 11:28