За кое сте?

Голем број Американци се за укинување на Обамакер, системот на здравствена заштита (осигурување) кој беше воведен од, нели, Обама. Голем дел од нив се за да си го задржат осигурувањето кое го имаат преку АЦА системот. Истите тие не знаат дека Обамакер и АЦА се иста работа.

Над една третина од Американците не знаат дека Обамакер и тнр Affordable Care Act се две имиња на еден ист законски проект, покажува истражување на јавното мислење објавено во Њујорк Тајмс.

Од 2.000 испитаници, 17% мислеле дека се тоа различни закони а 18 % не знаеле дали се исти или различни.

А дали луѓето знаат што ќе им се случи ако се отповика здравствениот закон на Обама како што тоа го ветуваше Трамп во предизборието? Не, не баш.

Само 61% се свесни дека така ќе ги изгубат покривањата преку Медикеид и субвенциите за приватни здравствени осигурувања. Остатокот не баш.

Интересно е што Републиканците повеќе од Демократите знаат дека Обамакер и АЦА е иста работа, ама па многу низок е процентот на оние меѓу нив кои се свесни за консеквенците од повлекувањето.

За време на кампањата Трамп ветуваше дека ќе го укине и замени Обамакер веднаш штом ќе дојде на власт но подоцна во интервју за Бил О Рајли си даде фора од една година.

Иако темата беше моќна пропагандна алатка на Републиканците за време на изборите, остварувањето на ветеното ќе биде проблем и затоа што добар дел од бенефициите во меѓувреме станаа популарни кај граѓаните, и тоа независно од партиската определеност.