Да се пазиме од полицајците на нашите мисли

Некогаш цензори одлучуваа што може да се издаде како книга а што не. Денес постои истата функција, само што цензорите сега се викаат „чувствителни читатели“ кои оценуваат дали јазикот на авторот ќе навреди некоја од идентитетските снегулки. Башка проблемот со роботите кои - мислите случајно? - се прават главно од бела пластика!

„Изминатава декада, а последнава година особено, оние што се во позиција да имаат влијание, силно се трудеа да ја сменат рамката во која општеството се гледа себе си. Перфидни крстоносци се обидуваат да контролираат што јавноста гледа, слуша, мисли и верува. Овој проект кој се бори за доминација во различни западни култури не е ништо помалку темелен и суштински од претходните обиди за контролирање на мислите во тоталитарните или теократски режими“, пишува Франк Фуреди, автор на книгата „Културата на стравот во 21 век“.

Бидејќи оваа кампања нема име и не промовира некоја експлицитна идеологија, нејзиното значење најчесто се потценува. На тој начин опседнатоста со идентитетите, антихуманистичките и антицивилизациски наративи земаа замав (за тоа прочитај го Пинкер во „Не постои ЛГБТ таблица на множење“). Сè почесто сме под притисок да го менуваме јазикот, да усвојуваме досега непознати зборови, да усвојуваме длабоко сомнителни тврдења. 

Пример:

Во август, луѓе од една технолошка лабораторија во Нов Зеланд се побунија против праксата што роботите се прават главно од бела пластика бидејќи требало да биде надминат тој период на империјалистичката бела супремација.

Пример:

16 научници - некои од престижни места како Кембриџ и Оксфорд - пишаа писмо до магазинот Нејчр барајќи веќе да не се користи терминот „квантна супремација“ туку „квантна предност“ бидејќи поимот супремација имал лоши асоцијации со ропството и колонијалистичките идеи. На овој начин, еден термин кој е јасно историски и политички лоциран и омеѓен се ребрендира во своевиден библиски грев на сите кои се родени со бела кожа.  

Пример:

На почетокот на ова година, извесен Хенри Милер (пристанишен работник од Канада) бил контактиран од полицијата заради ретвит на некоја транс-скептична шала на Твитер. Полицаецот го информирал дека „ќе биде потребно да проверат како размислува“. Иако му рекле дека не сторил кривично дело, му било кажано дека неговиот ретвит ќе биде заведен како „инцидент поврзан со омраза“ и дека неговиот твитер акаунт ќе биде мониториран.

Пример:

Во САД сè повеќе расте еснафот на индустриски консултанти кои ги советуваат компаниите како да не бидат поврзувани со „културата на белата супремација“. Според проценките на овие фанатици, непожелни однесувања кои можат да се поврзат со белата супремација вклучуваат „индивидуализам“ и „перфекционизам.“ Со други зборови, оние кои сериозно си ја сфаќаат работата можат да се сомнителни и премногу бели. 

Пример:

Сè повеќе издавачки куќи на запад ангажираат таканаречени „чувствителни читатели“ кои треба да обезбедат јазикот на авторите да не ги прекршува нормите и вредностите на актуелните културни елити. Во едни поинакви светови, сензитивните читатели ќе беа наречени цензори, но ова е ера на еуфемизми и затскриеност па цензурата е заменета со чувствителност. А тоа што се „чувствителни“ не ги спречува овие службеници да диктираат кои книги може а кои не може да бидат издадени. 

Пример:

Лондонскиот Викторија и Алберт музеј, во јуни постави знак пред изложбата посветена на истопријата на британскиот хумор дека „некои од експонатите содржат непријатни вистини за минатото“.

Пример:

Види „Стигна Дизни плус, сталинистички искасапен

Сево ова не треба да чуди. Контролата на денешните наративи може да успее само ако се намали влијанието на минатото врз денешните општества. Успехот на проектот може да се мери по начинот на кој луѓето денес можат да бидат понижувани затоа што изразиле некое мислење кое постоело со векови.

„Идеалот на толерантноста се појавува во 17 век преку борба за заштита на човечките уверувања наспроти државната репресија. Векови подоцна влегуваме но нов мрачен период. Во 2020-тите, клучен предизвик за зачувување на слободата и демократијата е ослободувањето на општеството од нетолерантните антихуманистички наративи. Влог не е само јазикот и зборовите туку и сочувувањето на најдрагоцените идеали на човечката цивилизација,“ пишува Фуреди.

31 декември 2019 - 11:05