Упатство за дебатирање против Трамп

Филип Рајнс е поранешен заменик-асистент државен секретар на САД и советник на Хилари Клинтон кој 17 години работи за нејзе. Рајнс исто така е човекот на кого Хилари се вежба за своите дебати со Трамп за време на изборите 2016.

За подготовка за својата улога, Рајнс тогаш ги гледа сите 15 републикански дебати и форуми на кои учествува Трамп. И тоа секоја по три пати: еднаш цела, втор пат само деловите во кои тој учествува, и трет пат со изгасен звук за да ги фати неговите потези и говор на телото.

Според Рајнс, „ова се квалитети што го прават Трамп така тежок противник во дебата, и покрај фактот дека тој веројатно е најлошиот дискутант во претседателската историја“:

1. Закани, вулгарност, инсинуации и одбивање да признае дека погрешил.

2. Лажење.

По првата точка, Рајнс го опишува стилот на Трамп како „замисли дека си на интервју за работа, и не ти е гајле дали ќе ја добиеш работата. Или уште полошо, замисли дека секоја една работа што си ја добил се должи на тоа што си неподнослив, без никаков филтер.“

„Проблемот за демократските кандидати 2020 е што сите тие се политичари, и најголемиот дел така и звучат...

... Демократите ќе мора да можат да комуницираат и напаѓаат со ист остар јазик што до сега беше несоодветен за национална политика, или барем да не се блокираат сами себе кога Трамп ќе даде некој типично безобразен коментар,“ објаснува Рајнс.

Друга работа што тој им ја препорачува на Демократите, кој и да продолжи во финалето, е: „Никогаш не признавај дека си згрешил“. Неговата процена е дека нема шанси во дебата против Трамп, тој или модераторот да не спомне некоја твоја слабост за која ти до тогаш веројатно си се објаснувал безброј пати.

„Може да ги потрошиш твоите минути на повторување на тоа што веќе си го кажал, или можеш да речеш: ’Ме зафркаваш ти мене? Ме прашуваш за некој лобист со кој сум се сретнал пред една деценија, а овој пред Белата куќа направи редица лобисти? Не. Ајде да збориме за тоа како луѓе му плаќаат по 200.000 долари за да се зачленат во неговиот клуб и потоа вадат ќар од него. А, ако има време, ќе ви одговорам за мене,’“ е примерот за дебатирање што го дава Рајнс.

Втората точка, лажењето, е важна заради обемот на лаги на Трамп, кои, како што објаснува Рајнс, ако искусни медиумски куќи не постигнуваат да ги проверат сите работи што тој ги кажува, не можеш да очекуваш тоа да може да го направи модератор или публика во живо за време на дебата.

Според Рајнс одговорноста за ова паѓа на демократскиот кандидат, кој треба каже „лажеш“ ако го фати Трамп во лага, „што и не е така лесно ако Трамп лаже секој пат кога ќе отвори уста.“

Тактиката што тој ја препорачува е броење на глас: прва лага... лага број два... сега ги кажа неколку па сме до 6 лаги. Во случај модераторот да го укори кандидатот, Рајнс препорачува реплика од типот „Ако ти ги истакнуваше неговите лаги, јас немаше да морам“.