Стен Ли „распарчен од мршојади“

За 95-годишен човек кој е жива легенда, ги има создадено некои од најпрепознатливите ликови во поп-културата, и врз неговата работа се базираат филмови што заедно заработија над 15 милијарди долари, за очекување е дека староста ја минува лагано, без драми и генерално ужива во сето она што го создал. За Стен Ли не е така.

Откако пред 7 месеци починува сопругата на Стен, Џоен, со која беше во брак 70 години, основачот на Марвел се бори со здравствени проблеми (има пневмонија) и со финансиски проблеми „опкружен е од цела легија холивудски шарлатани и гребатори“.

Дејли бист пренесува изјава на човек запознаен со ситуацијата во домот на Ли кој објаснува „таму е хаос, мислам дека за неколку недели ќе му снемаат пари... Стен и Џеј Си (ќерка му) буквално се растргнати од мршојади.“

Во период од два месеца медиумите објавија дека без знаење на Ли бил потпишан чек на 300.000 долари од неговата бизнис сметка на име на „Хендс оф респект“ формирана од Ли и поранешниот соработник на Џеј Си, Џери Оливарез. Назнака на чекот е „позајмица“. Оливарез се поврзува и со уште неколку чекови на 5-цифрени суми и мистериозни банкарски трансфери. Во периодот околу смртта на сопругата Стен Ли, Оливарез на кратко време станува раководител на неговиот имот и бизниси. Моментално финансиски форензичари ги испитуваат сметките и фактурите од тој период.

Во есента 2017 беа дадени 850.000 долари за купување стан во Западен Холивуд на мало растојание од домот на Ли; а 1,4 милиони долари мистериозно исчезнуваат при една комплицирана трансакција. Кон средината на февруари во домот на Ли беше повикана полиција за да го отстрани долгогодишниот телохранител на Ли, Мак „Макс“ Андерсон, затоа што наводно се заканувал на Ли и на неговата ќерка.

На ова се надополнуваат и неколку обвиненија на поранешни негувателки на Ли, дека тој се однесувал несоодветно кон нив, што беше отфрлено од Ли.

Човекот чија изјава ја објавува Дејли бист, објаснува дека Џеј Си (Џоен Силија) е катастрофална во проценка на луѓе и ужасно лесно паѓа на измамници. Во својата наивност 67-годишната Џеј Си има проблем и со шопинг, односно во воздржување од истото.

„И Стен не е нешто подобар. Нивните современици и пријатели се мртви, и сега останати се опколени со еден куп пијавици и сомнителни луѓе. Имам чувство дека тој е искористен од сите на светот. На една забава кај нив разговарав со еден човек, и кога човеков си замина, некој рече ’ова е шупакот што ја фотографираше Витни Хјустон мртва во када.’ Е, со такви луѓе е опкружен,“ пренесува Марк Ебнер во Дејли бист.

Процената на инсајдерот е дека луѓето го цедат Стен Ли, притоа преценувајќи го неговото богатство „мислам дека не ни има нешто многу.“

„Имам чувство дека сите тие ќе откријат дека нема ништо останато. Како секој пат кога ќе избркаат еден проблематичен, Џеј Си ќе најде друг. Или Стен ќе најде уште еден. Едноставно многу е лесно да ги измамиш. И тоа е вистинскиот проблем,“ објаснува неименуваниот пријател на Стен Ли.

13 март 2018 - 12:31