Политичките бегалци на Калифорнија

Онаа реплика на Раде Шербеџија во „Трето полувреме“, „Секоја птица лета во своето јато“, се чинеше прецизна за автохтоното балканско/ македонско проклетство за поделеноста на луѓето. Aма, не лези враже, се чини дека има и четврто полувреме.

Конзервативци во големи бројки се селат од Калифорнија, држава во која тие се политичко малцинство и заминуваат во, за нив попријателски средини, главно во Тексас.

Половина од регистрираните гласачи на Калифорнија размислуваат да ја напуштат таа држава но за конзервативци тоа е три пати почеста опција - 40% од нив сериозно размислуваат да се селат, наспроти само 14% демократи кои се со таа идеја.

Меѓу причините, се разбира, се и високите трошоци на живот и даноците но интересно е што разочараноста од доминантната, либерална политичка култура се наведува почесто од, да речеме, растот на цените на недвижностите, покажува истражување на Беркли. 

Имаат дури и сајт (Conservative Move) кој на конзервативците им помага да најдат купувачи за куќата, да се преселат и да најдат нов дом во некоја, за нив попријателски расположена држава како Тексас или Ајдахо.

„Сакаме да бидеме меѓу луѓе кои имаат вредности како нашите а тоа е: Америка на прво место, закон и поредок,“ вели за ЛА Тајмс еден повозрасен пар кои заминале во Тексас

Меѓу 2007 и 2016 гопдина Калифорнија има изгубено еден милион луѓе во домашна миграција, што е околу 2,5% од нејзината популација. Најпопуларна дестинација е Тексас кадешто заминуваат по околу 50.000 луѓе годишно.

Истовремено, таа станува интересна за побогатите. Во последната деценија Калифорнија има привлечено околу 100.000 луѓе со годишни приходи над 120.000 долари.

7 ноември 2019 - 12:51