Милош Васиќ

Папучар

"Жената своја во толкава мерка ја уважуваше и толку од неа се плашеше што дури и ја сакаше".

Се работи за маж кого го обвинуваат дека е претерано подложен, послушен, лојален итн. на својата жена. Доказите за таквите обвинувања се неважни а обвиненијата најчесто за плод на завист. Имено, од околноста маж тук-таму да се фати за некоја домашна работа, завидливите веднаш ќе заклучат дека е папучар, особено оние ко фрлиле око на неговата убава, паметна и секси жена. А и оние другите кои на негово место би биле исти такви ако не и полоши папучари, ама, немаат папуча под која да паднат. Мажите општо се еден свет завидлив и пакосен, да ви кажам.

Еднаш така миев прозорци во еден од многуте станови во кои сум живеел, а доле, по Скадарска улица, проаѓа пијаница и се дере: "Што е папучару? Переш џамови?" Го нахранувам со говна уредно и продолжувам, бидејќи сакам чисти прозорци а потоа се замислувам. Што него го заболе ако мијам џамови? Па се тешам; што ќе рече неговата кога ќе си дојде така унереден.

Вообичаната аргументација кога некој го нарекуваат папучар е дека се плаши од својата жена. А кој нормален маж не се плаши од својата жена? Има Достоевски една антологиска реченица, полуреченица, во "Идиот': "...подоцна никогаш не жалеше што млад се ожени, никогаш за својот брак не говореше како за занес на непромислената младост и жената своја во толкава мерка ја уважуваше и толку од неа се плашеше што дури и ја сакаше". Размислете за оваа реченица која на невнимателниот читател лесно ќе му избега. Има ли подобра дефиниција за совршен брак?

Папучарот е - да бидеме сосема искрени - маж многу итар и промислен. На паметниот брзо му станува јасно дека е далеку полесно, попријатно и подолго ќе живее во склад со избраничката на своето срце ако само малку се потруди околу домашните работи и - што е многу поважно - неа да ѝ го препушти донесувањето на оние животно важни одлуки за кои повеќето мажи се неталентирани и почесто мрзливи и неодговорни. Мажите во принцип се мрзи; затоа измислуваат "хобија", затоа се прават дека ги интересира фудбал (од што се богатат пиварите и телевизиите) и генерално измислуваат "страсти', за да најдат изговор важните одлуки да им ги препуштат на жените. На мое големо изненадување, жените тоа го прифаќаат многу лесно; изгледа дека тука доаѓа до онаков премолчен пакт каков што, да речеме, склопуваат партнерите во БДСМ (садомазохистичкиот) секс; јас, демек ќе господарам а ти демек ќе се потчинуваш; кој над кого тука господари, не е нималку едноставно прашање.

Значи, папучарот толку ја почитува својата жена и ѝ се плаши што "дури и ја сака". Да го оставиме пакосниот Фјодор Михајлович на страна, јас мислам дека тој секако ја сака. Затоа на себе храбро го презема ризикот од подсмев на околината и се однесува - како папучар. Таквиот живот му станува полесен и подолг а околината нека јаде говна; не е тоа мала храброст. За разлика од будалите кои мислат дека жените презираат папучари, вистината е поинаква: папучарот (својот, не некој туѓ, ве молам да приметите) е појава корисна и го олеснува женскиот живот - ако сè друго е во ред, нормално.

И на мажот му е полесно: дури и да признае - како паметен папучар - дека е папучар па тоа и дополнително да го закова со изјава "а кој не би бил папучар со ваква риба", пак полесно ќе помине отколку дркаџија кој се пува дека "тој е газда дома", дека "се знае кој носи пантолони" и слични будалаштини. Жената на дркаџијата, ако добро посматрате, ќе има смирен став и израз на лицето; пораката е јасна: оставете го будалата да се прави важен, знам јас каков е по дома... Жената на папучарот нема да биде така смирена; на забелешката дека маж ѝ е папучар ќе има двојна реакција (барем во себе ама и јавно). Паметна жена ќе каже: нормално дека е папучар, и ќе се насмее заедно со мажот папучар; помалку паметната ќе проба да го оспорува тврдењето. Ќе има тука и од оние традиционални кукања од типот "каму среќа, сестро слатка; тој е тиранин по дома а ваму се прави фин пред вас"; ефтино.

Не разбирам зошто некоја жена би се срамела од фактот дека маж ѝ е папучар - освен ако не ја фаќа срам по традиционално- патријахална основа; неа мама не ја воспитувала така и сл, она е пожртвувана маченица, "очи од тесто не ѝ се гледааат" (Бора Станковиќ, ваљда) а ете, нејиниот папучар го викаат. Ќе да е тоа од она популарно земање на улогата "жена - маченичка", улога многу удобна и проширена. И да има маж кој е корисен и внимателен, таа во улогата ќе заживее од банален конформизам и малограѓанштина, па тоа главно лошо завршува.

Има и глупи жени, како да ви кажам.

Милош Васиќ, Време, јуни 2013

2 јуни 2013 - 16:18