Обама му се пушти на Сандерс

Во еден неодамнешен платен говор Обама ги обвинува белите старци што се борат за претседателска номинација дека „не се тргаат од патот“. Моментално во демократската трка има двајца старци (што имаат шанса), едниот му е другар, другиот е Сандерс.

Пораката доаѓа само еден месец откако Политико објави дека Обама во приватен разговор изјавил дека главно ќе седи на страна во партиската трка за номинацијата, но ако Сандерс почне да победува тој „ќе прозбори за да го спречи“.

„Не е јасно што би можело да направи мешањето на Обама што веќе не го постигна медиумскиот молк околу кампањата на Сандерс. Меѓутоа непријателството на Обама е разбирливо имајќи предвид дека Сандерс е кандидатот кој најгласно се залага за ставање крај на големиот неолиберален експеримент кој ги приватизираше сите сервиси, ја уништи средната класа и го отстрани најголемиот дел од социјалната заштита, експеримент на кој Обама беше ентузијастичен извршител. Ова не е прво вакво цимање од Обама, кој на почетокот од годинава изјави дека електоратот не сака револуција - што претпоставувам е како некој како него гледа на проекти како национализирана здравствена заштита - туку само ’унапредување’,“ пишува Џеса Криспин во колумната за Гардијан.

Таа потсетува дека оставштината од Обама се уште не е фиксна, дека тој ја напушта Белата куќа речиси како херој, со хвалоспеви, но подоцна кога медиумите тргаат во линч на Трамп, се повеќе станува јасно дека голем дел од осудуваните политики на Трамп се почнати или течеле во времето на Обама.

Редејќи го портфолиото на пракси по кое Обама е сличен со Буш, како: водењето војни во странски држави и соборувањето на нивните лидери, прогонот на свиркачи и спроведување масовни кампањи за прислушување на сопствениот народ, спасување од банкрот и субвенционирање банки и корпорации наместо граѓани, и како добар дел од демократските кандидати имаат слични вредности (Бутиџеџ, Клобучар, Ворен), Криспин пишува „нормално дека тој ќе маневрира против единствениот кандидат кој вреднува поразлични работи, како економска правда и помалку смртни случаи на луѓе кои не можат да си го дозволат нивниот медицински неопходен инсулин.“

„Или можеби Обамови само што видоа на Википедија дека нивната нето вредност е некаде околу 70 милиони долари, и сега се обидуваат да избегнат да го платат данокот на богатство на Сандерс. Како и да е, Берни Сандерс е единствениот кандидат кој константно го плаши политичкиот естаблишмент, а Обамови не можат да се сопрат да покажуваат на чија страна се,“ порачува Криспин.

17 декември 2019 - 15:10