Го имаме ли ние Жерико?

Наместо без граници, Европа e денес без срам

Европјани се шокираа од ужасот на очајните луѓе оставени на немилост на немирните морски води. Ќе речете, знаеме, не е тоа некоја нова вест. Точно дека не е нова, ама можеби не знаете колку е стара.

Пред речиси 200 години Теодор Жерико впечатливо го долови ужасот на мигрантите оставени да умрат на отворено море. Неговата монументална слика "Сплавот на Медуза" беше силна морална шлаканица за дебелиот образ на Европа. Истовремено, тоа е слика која крикнува по сочувство и човечка пристојност.

Медуза е француска фрегата која во јули 1816-та година удира во гребен близу брегот на западна Африка. Капетанот и неговите офицери се качуваат во шест чамци за спасување со само уште неколкумина одбрани патници. Останатите 149 патници биле истоварени на импровизиран дрвен сплав кој капетанот го врзал за своите чамци, но само за подоцна да ги откачи и напушти. Следните 13 дена луѓето од сплавот минуваат низ пеколот на смртта, болестите, побуните, гладта и канибализмот. Од 149 луѓе преживуваат само 15-мина. Случајот станува државен скандал откако се дознава дека капетанот ја добива функцијата не по заслуга туку заради своите политички симпатии за монархијата а државата попат се обидува и да ги сокрие најужасните детали од инцидентот.

Освен што тоа се случувало на Атлантикот а денешниот ужас на бегалците се одвива во водите на Медитеранот, сличностите меѓу двете историски епизоди се очигледни, забележува уметничкиот критичар на Гардијан, Џонатан Џонс додавајќи уште една битна разлика меѓу двата случаи: тоа што Жерико умеел да го замисли ужасот на тие луѓе и брутално да го долови нивниот хорор на оние што ја гледаат неговата импозантна слика.

"Зошто  денес не умееме да покажеме емпатија кон луѓето кои се дават во морињата или гинат по државните премини? Зарем сме станале толку бесчувствителни што кога ќе видиме очајни луѓе кои бегаат кон нашите земји, ги гледаме само како гужва на патот или како пречка на мирот на нашите годишни одмори?", прашува Џонс.

Жерико ја натера јавноста да ја почувствува болката и ужасот на секој поединец од неговата пирамидална композиција на очај и надеж. Пред неколку денови истото се обиде да го долови градоначалникот на Палермо, еден храбар човек кој со децении се бори против организираниот криминал во своето место.

"Во иднина, Европската Унија ќе се смета за одговорна за овој геноцид, истоветно како што фашизмот се смета одговорен за геноцидот од пред 70 години. Невозможно е да ја сопреш миграцијата на луѓето а ако се обидеш тоа да го направиш насилно, одговорен си за геноцид", порача Леолука Орландо.

Инаку, за да постигне што поголема автентичност, Жерико има разговарано со преживеаните од сплавот и направил бројни студии со луѓе кои умираат по болници. Дури го пронашол и преживеаниот столар и му нарачал да му направи копија од сплавот во вистински размер. Потоа ја избричил главата и комплетно се затворил во своето студио, за по два месеца да излезе со гигантската слика од 5 на 7 метри која денеска е изложена во Лувр.

Сликата на малиот Ајлан кого морето го исфрли на турскиот брег нè шокираше многу пократко.