На Меркел ѝ е преку Трамп (и брегзит)

Жената што како светски лидер е препознатива по својата смиреност изгледа како да ги потрошила и последните резерви разбирање за „одметнатите“.

Минатиот месец по НАТО самитот, и неколку дена минати со првиот човек на САД, Меркел на собир во Минхен порача дека Европа ќе мора да почне сама да си го бере гајлето околу одбраната.

Во вторникот Меркел само со поглед ги пратеше организаторите на настанот на кој таа беше домаќин, како го гасат видеостримингот од обраќањето во живо на американскиот министер за трговија, Вилбур Рос, некаде на средина од неговата тирада околу германските трговски политики. По исклучувањето на американскиот министер, Меркел го зема микрофонот и се отвори против американската администрација и нивните постојани тврдења дека САД минуваат многу лошо во трговијата со Германија.

Во четвртокот, во обраќање до долниот дом на германскиот парламент, Меркел пак сврте на Трамп и на неговите политики:

„Кој и да верува дека проблемите може да ги реши со изолациска политика и протекционизам, прави огромна грешка."

Во врска со Климатскиот договор од Париз, нејзината порака до Трамп беше дека Европа и останатите ќе се борат со загадувањето и дека „нема да чекаат секој можен човек на Земјата да биде убеден во научната основа на климатските промени“.

Во ишарет до Тереза Меј и нечкањето околу заминувањето ЕУ, Меркел порача дека Франција и Германија ќе ја обединат Европа, „без разлика на брегзит“. Ова е пораката што Меркел и Макрон упорно ја повторуваат.

Делумно, новиот репертоар на Меркел се смета и како нејзино загревање пред Г20 самитот во Хамбург.