Макрон на патот кон демократски деспотизам

До сега во портфолиото од првиот мандат од владеењето на Макрон има: критика од О.Н. за користење на претерана сила против демонстрантите, предлагање серија закони за потиснување на демонстрациите, растурање дисидентски мрежи, промовирање „официјална вистина“ и потиснување на содржините на социјалните медиуми.

Минатиот месец француското собрание донесе закон со кој на членовите на Жолтите елеци може поединечно да им биде забрането да учествуваат во демонстрации (против истото тоа собрание). Додека ограничувањето на слободата на говорот се тера по основа на борба против анти-семитизам, Макрон работи и на промовирање на официјална вистина, која би требало да биде лек за фејк-њуз.

Насилството на француската полиција се оправдува со насилството на демонстрантите. Паралелно со ова Макрон објаснува дека новото официјално тело за медиумите само ќе работи на осигурување на „неутралноста“ на вестите.

„Тогаш читателите на Фајненшл тајмс нема зашто да се грижат: со разумни текстови и пристојно однесување нема да завршиме зад решетки.

Секако дека може да и веруваме на умерена реформистичка влада да ги идентификува лошите момци и да ги заштити добрите?

Епа, не. Владеењето на правото не функционира така. Толерирање на девијантни, раздразнувачки и ексцентрични појави кои не прават директно штета на другите е самата дефиниција на отворено општество. Обидувајќи се да дефинира на кого му е дозволено да пишува, зборува, твита и протестира, Макрон ризикува дополнително да ги разлути неговите вознемирени противници.

Реагирајќи на секој општествен проблем со закон кој го смирува меинстрим јавното мислење, владата ги пренагласува подлабоките тензии. Таа исто така поставува основа за уште полоши злоупотреби - ако не од оваа постава, тогаш од некоја идна. Тврдењата на Макрон дека делува за да ги спречи конвенционалните морални закани го прават уште поопасен,“ пишува Гаспар Кониг во текстот за ФТ.

И пред Жолтите елеци, Макрон стабилно гази по патеката на ограничување на правата на граѓаните во име на нивна поголема безбедности: во 2017 законот против тероризам значително ја зголемува моќта на полицијата; во февруари 2018 законот за имиграција ги намалува правата на мигрантите и барателите на азил; во октомври 2018 францускиот Уставен суд одбива да го спречи креирањето на биометриска база на податоци од сите граѓани на Франција.

„Макрон е на пат кон ’демократски деспотизам’. Тој го става општото добро и јавната безбедност пред индивидуалните права. Ова само ја одразува загрижувачката глобална тенденција на либералните демократии да позајмуваат модус операнди од автократските режими,“ порачува Кониг.

11 март 2019 - 11:27